Фото: ЕПА

Алпскиот скијач објаснува како месеците поминати подалеку од падините го навеле назад кон неговиот сакан спорт, „но под мои услови и со слобода што ќе ми овозможи да ја направам разликата што ја барам“, рече тој во интервју за ИОК. Кога го најави своето враќање во спортот под знамето на Бразил, родната земја на неговата мајка Алесандра, норвешкиот скијач имаше јасна цел на ум: „Сите сме тука на мисија, но сите сме на различни мисии. Едноставно, мојата беше тоа. Сакам да ги инспирирам другите да се осмелат да го следат својот сон“, рече тој

Пред една година Лукас Пинеиро Братен го објави своето предвремено повлекување од алпското скијање на емотивната прес-конференција пред отворањето на сезоната во Зелден (Австрија), а 12 месеци подоцна, харизматичниот 24-годишен скијач изгледа повторно среќен и е подготвен да ја продолжи својата ветувачка кариера со обновен ентузијазам, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
– Тоа беше ролеркостер од една година. Беше возбудливо. Тоа беше година исполнета со толку многу различни впечатоци и искуства, а си дозволив да истражам кој сум, моите други интереси и љубопитности надвор од скијањето. И тоа ме врати во овој прекрасен спорт, но според мои услови и со слобода што ќе ми овозможи да ја направам разликата што ја барам – изјави тој неодамна за ИОК.
Кога го најави своето враќање во спортот под знамето на Бразил, родната земја на неговата мајка Алесандра, норвешкиот скијач имаше јасна цел на ум: „Сите сме тука на мисија, но сите сме на различни мисии. Едноставно, мојата беше тоа. Сакам да ги инспирирам другите да се осмелат да го следат својот сон, каков и да е тој. Мислам дека спортот и убавината на спортот се во неговата различност. Разликата меѓу нас спортистите е тоа што го прави интересен. Да бевме сите исто толку добри скијачи, да изгледавме исто и сите да зборувавме на ист начин, дали тогаш некогаш би гледале скијачка трка? Не, веројатно не би гледале. Нема да има возбуда“.
За време на неговата кратка кариера, скијачот никогаш не се плашел да ја покаже својата личност.
– Сакам да бидам поттик да ја покажете вашата различност и да ја покажете вашата личност. И се чувствувам како тоа да е мојата улога во оваа индустрија и среќен сум што ја преземам таа задача – рече тој.
Победникот на Светскиот куп (СК) во слалом во 2023 година ја напушти Норвешка, една од моќните сили на спортот, за да ја претставува јужноамериканската земја, која никогаш не освоила медал во историјата на Зимските олимписки игри (ЗОИ), пишува ИОК.

– Фактот што го носам бразилското знаме на скијачките трки во СК, спорт во кој оваа неверојатна земја допрва треба да биде претставена, се чувствува како вистинска презентација за мојата мисија да создадам разлика – рече Братен.
Иако рече дека ќе му недостига „постојаниот спаринг“ со неговите поранешни колеги од репрезентацијата, Братен верува дека тоа е „цената“ што морал да ја плати за да оди во насоката што ја избрал да ја следи, пишува ИОК. Сепак тој ќе биде опкружен со „супер тим“, кој го вклучува неговиот долгогодишен тренер Петер Ледерер, потоа Мајк Пирчер, кој претходно работеше со австриската легенда Марсел Хиршер и тренерот Курт Котаубер, претходно дел од штабот на швајцарскиот шампион Марко Одермат.
– Многу сум среќен што имам такви професионални поединци во секоја од нивните различни соодветни улоги. Но, уште поважно, во мојата задача да создадам тим што може повторно да победува на скијачките трки, се обидов да создадам заедница од луѓе што имаат тимски пристап. И тоа им овозможува на луѓето да имаат различни мислења и различни пристапи и верувања дека тоа е и факторот за успех – рече Братен.
Постојано влијание и понатаму ќе има неговиот татко Бјорн, кој ќе ја надгледува целокупната структура на тимот.
– Тој е единствениот што во текот на сите овие години беше покрај мене и е единствениот што виде што навистина чинеше и значеше ова за мене. Не би можел да го сторам ова без него. Татко ми беше единствениот што веруваше во мојот сон како дете – рече Братен.
Пред неговото деби во СК како бразилски скијач, Братен воспостави нова стратегиска база во Милано, град што му овозможува лесен пристап до кој било аеродром во светот додека ги следи своите интереси во дизајнот и модата.
– Ја сакам Италија, планините, го сакам градот. Ја сакам креативната страна. Сакам сѐ во врска со тоа. Да имам база таму, мислам дека ќе ми оди во прилог. Следуваат и ЗОИ во Милано-Кортина во 2026 година. Мислам дека самото тоа да бидам тука каде што ќе се одржуваат ЗОИ, буквално во мојот дом, може да придонесе за зголемување на моите шанси за успех – вели Братен, пренесе ИОК. Н.М.