Фото: ЕПА

Кај возачите води актуелниот светски првак Ферстапен со 47 бода повеќе од Норис и 71 од Леклер, а кај конструкторите на првите три места се Мекларен со 566 бода, Ферари со 537 и Ред Бул со 512. Денеска се вози спринтот, а главната трка е утре

ФОРМУЛА 1

Формула 1 (Ф1) се упати кон Бразил за утрешната трка за големата награда во Сао Паоло, како последна станица во секвенцата со три трки во низа. Со тоа што спринт-трката се враќа викендов, првиот тренинг и квалификациите за спринтот се одржаа вчера, денеска на програмата се спринт-трката и квалификациите за главниот настан, кој, пак, е утре (од 18 часот).
Со настаните викендов продолжува и неизвесната трка за двете титули во 75-та сезона на Формула 1, меѓу возачите и меѓу конструкторите. Кај возачите води актуелниот светски првак Макс Ферстапен со 362 бода, а потоа следуваат Ландо Норис со 315, Шарл Леклер со 291, Оскар Пјастри со 251, Карлос Саинс Јуниор со 240… Кај конструкторите е уште поизрамнето, прв е Мекларен со 566 бода, а потоа се Ферари со 537, Ред Бул со 512… До крајот на сезоната, покрај трката во Сао Паоло, остануваат уште три, и тоа во Лас Вегас, Катар и во Абу Даби.
Првата трка во Формула 1 на оваа патека е одржана во 1973 година. Еден круг е долг 4,309 километри, а рекордот го постави Валтери Ботас во 2018 година, со време 1:10,540 минута. Најмногу пол-позиции остварија Аиртон Сена, Мика Хакинен, Фелипе Маса, Рубенс Барикело и Луис Хамилтон, по три, а најмногу победи забележа Михаел Шумахер, четири. Автодромот „Интерлагос“ е изграден во 1938 година, на парцела несоодветна за домување, а патеката го носи името на Жозе Карлос Пејс, кој победи на таа патека во 1975 година, пишува Формула 1. Н.М.