Пред почетокот сите учесници со едноминутно молчење им оддадоа почит на паднатите борци за ослободувањето на градот Скопје, а вчера беше положено свежо цвеќе и на споменикот на паднатите партизани на гробиштата во Бутел, онака како што им прилега на македонските херои, вели претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски

ПОЧНА ВЕТЕРАНСКИОТ ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ „НЕЗАБОРАВ ЗА ХЕРОИТЕ“

Со првиот ветерански турнир (од предвидените три), во саботата со брзо темпо на игра почна одбележувањето на јубилејот 80 години од ослободувањето на градот Скопје, 13 Ноември, наречен „Незаборав за хероите“, во организација ШКВ Скопје 72, а на кој можеа да настапат сите што не се помлади од 60 години. Во конкуренција на 24 шахисти, по 10 кола, во драматична и неизвесна завршница, победи ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Јани Богоевски (2.168, рангиран прв пред турнирот) со девет бода, колку што имаше и ФМ Љубомир Илиќ (2.063, рангиран трет), но послаб дополнителен критериум, а трет е ФМ Александар Кралевски (2.108, рангиран втор) со седум поени.

– Организацијата на турнирот во просториите на ШК Алкалоид, украсена со банери и со македонското знаме, беше беспрекорна, достоинствена и се одвиваше во најдобар ред. Пред почетокот на првото коло, сите учесници со едноминутно молчење им оддадоа почит на паднатите борци за ослободувањето на градот Скопје, а вчера претседателот и потпретседателот на ШКВ Скопје 72 положија свежо цвеќе и на споменикот на паднатите партизани на гробиштата во Бутел, онака како што им прилега на македонските херои. Самиот турнир помина во голема и неизвесна борба, а конечниот резултат кажува сѐ. Вистинско уживање беше да се присуствува на овој турнир и да се гледаат партиите – ни изјави претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски.
Следен во рамките на овој фестивал е вториот ветерански турнир (2-3 ноември) со забрзано темпо, а третиот е ветерански турнир во класичен шах од 7 до 13 ноември. Сите турнири ќе се сметаат за официјални ветерански првенства на Скопје за 2024 година, победниците ќе бидат шампиони за годинава во своите категории и ќе добијат пехар. Г.И.