Фото: „Нова Македонија“

Во пресрет на седницата на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на алатката за вработување по национален „клуч“

Уставниот суд на утрешната седница ќе треба да донесе конечна одлука по предлог-постапката за оценување на уставноста и законитоста на балансерот – алатката за вработување според национална припадност во државните институции.
На дневен ред на 27-та седница се предвидени шест иницијативи за оценување на уставноста и законитоста, како и гласање по шест предлози за донесување конечни одлуки и да утврди пет нацрт-решенија.
Уставниот суд минатиот месец расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата што е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за административни службеници во пријавата за вработување меѓу другите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Судот по неколкучасовна расправа донесе одлука да поведе постапка за одредби од Законот за вработени во јавниот сектор. Н.М.