Сто дена влада. ВМРО-ДПМНЕ уништи сè што СДСМ и ДУИ градеа изминативе седум години. Со еден потег ги поништи сите „десетнаесет“ датуми за почеток на пристапни преговори со ЕУ што ги добивме. Затоа и од Формула 1 изјавија дека оваа година нема да се вози трка на патеката што Заев ја изгради. Здравството го уништија од корен укинувајќи ја плацебо-терапијата испробана на онкологија, која чекаше Нобелова награда. Го разурнаа супермодерниот автопат Кичево-Охрид, кој досега нè поврзуваше со светот и вселената. Фабриката за електрични возила веќе не произведува вселенски летала. Намалија плати, укинаа пензии, делат државјанства на светски наркобосови, внесоа толку негативна енергија што и продолжни кабли почнаа да прават пожари. Но, не се само овие злосторства.
Мицкоски шета наоколу како Самуил низ историја и географија, па на сите ни порачува: „Нека ви е со среќа“. Што му значи тоа, се прашуваат неупатени. Не ви е јасно? Премиерот ќе си ја присвои државната лотарија и затоа сите нè тера да се коцкаме за тој да си полни џебови. Малку му е милијардата што ја лапна од Унгарија. Демек, ние глупи, па не знаеме дека ќе заврши на неговата приватна сметка. Патем, кредитот воопшто не е од Унгарија. Како Кинески ѕид што се гледа од Месечината (кој бил горе видел со свои очи), очигледно е дека тие пари Орбан ги зел од Кина. А Кинезите секако немаат милијарди. Нивниот економски бум е само бајка и антизападна пропаганда. Кинезите таа милијарда ја зеле од Северна Кореја. За оние што не знаат, Северна Кореја е вековен непријател на Нордистан. Ај што безобразно ни ја крадат историјата, ама ни ја украдоа и придавката од името. Згора на сè, не сакаат да признаат дека Мао Ѕедунг ги измисли на Коминтерната, а сите факти покажуваат дека се Нордистанци, што значи Бугари. Но, тука не завршува проблемот.
Од извори и врутоци блиски на апсурдот, севернокорејската милијарда била во рубли, а не во долари или евра. Тоа значи само едно. Том Круз од Пјонгјанг ја зел од Русија, му ја дал на Си Џинпинг, па овој ја префрлил кај Орбан. Оттука јасно станува дека Мицкоски зел кредит лично од Путин. Не се кострешете одма! Овде престанувам со жестоките критики кон вмровците.Редно време е нешто да ги пофалам.
Тоа што Мицкоски зел милијарда од Путин е за доброто на украинскиот народ. Сигурно нема да им го врати кредитот, па Русите ќе немаат пари за чипови и ќе мораат повторно да отвораат миксери, пегли и микровални. И тука започнува добро смислената фабула. Штом им се потрошат кујнските апарати, Русите ќе мора да нарачаат нови, па нашите тајни служби со децении обучувани да следат писатели, ќе улетаат во приказната, ќе ја пресретнат пратката за Русија и бум, бум, бум, како што вообичаено бидува нарацијата.
Нели гледате колку многу ВМРО-ДПМНЕ се загрижени за судбината на Украина? За овие сто дена, каде и да прошетаа, само за поддршката што Нордистан му ја дава на Киев зборуваат. Кај и да е, ќе се истопорат со слоган „Украина повторно твоја… од Киев до Крим, цела да е“, а ние може да крикнеме: „Стани Цаци, да видиш како овие продолжуваат каде што ти застана“. Ама вмровците не се потресени само за Украина. Ете, и Иран го искараа. Не било убаво да маваат со ракети по Израел кога се знае дека тоа ексклузивно право, да се фрлаат ракети врз глави на цивили во други држави, е само на… па на САД и Израел во коалиција со западната цивилизација наречена меѓународна заедница. И тогаш тоа мавање е за демократија, за разлика од Русија, оти кога тие ракетираат, тогаш е окупација.
Битно ВМРО-ДПМНЕ ја оплескаа. За сто дена ги расипаа добрососедските односи со Бугарија. А има ли подобри односи од тие кога соседот ти вели дека сме едно. Па, тоа е веќе брак. Само треба да си ја смениме придавката како да е презиме, наместо македонски, ставаме бугарски и одиме на медена вечност во ЕУ. Додуша еднаш ја омаживме Македонија за Грција и си зедовме нордистански идентитет, ама ова се модерни времиња во кои сексот раѓа нови жанрови. Зошто Македонија да не се изјасни како џендер флуид? Денес те онадат Грци, утре Бугари, важно да имаме оргазам и тој да биде европски. Ама не, вмровците како едни задрти простаци кои не знаат ништо друго освен мисионерска поза, не слушнале за француска еротика, која е врамена во историјата на сексуалноста уште од Кама Сутра, па викнаа фајронт на нашата европска оргија и сега Македонија, сама кутра и одвоена.
А ха, ЕУ нè одвои од Албанија и Албанците сега ќе започнат пристапни преговори. Затоа некој напиша „Команданте, спремни сме!“, под слика со Али Ахмети. Спремни се да појдат во Албанија и своите европски капацитети да им ги понудат на албанските власти за брзо и квалитетно завршување на европските предизвици. Официјална Тирана сигурно ќе се тртка едно десет години преговарајќи со ЕУ, но со европската агенда на ДУИ, Албанија не само што е одвоена од нас, туку засекогаш ќе ја одвојат и од буџетот што албанските даночни обврзници го создаваат.
Уф, ги обединив сите во омразата кон мене. Ама локално. Ако веќе нервирам, нека биде глобално. Нетанјаху му ѕврцнал на Путин. Планирам да гаѓам низ Сирија, шепнал во слушалката. Види, му вратил Вова, не смееш да гаѓаш тука… и тука… тука никако, имам база, немој ни тука, а да… не се чепкај со Асад, ама тука и тука слободно гаѓај, на што Бени рекол океј и гаѓал кај што му било дозволено. Битно е да се гаѓа. Реалполитика, што да се прави? Нетанјаху на Путин, а Иран им јавиле на САД дека ќе го ракетираат Израел. Исто како и минатиот пат. Израелците сигурно би се превртувале од смеење, само што не им е до смеа. Копнената офанзива во Либан воопшто не им оди како што планираа. Може да им се повтори 2006 година, зашто сериозно гинат. Гинат и Руси, ама Украинци илјадапати повеќе. Битно е да се гине. И да се тргува. Русија е под санкции, ама не од сите држави. Таму извезува гас, кој потоа со танкери оди за САД, а овие истиот им го шиткаат на Европејци трипати поскапо. Реалполитика, ами што? Монструозна гротеска во која треба да се гаѓа, гине и тргува. Сега сите чекаат да видат дали САД ќе го гаѓаат Иран. Тоа веројатно ќе зависи од исходот на американските избори. Мудри луѓе велат дека ако победи Камала Харис, сосема е возможно да го снема светот. Го гледам светот и неговата реалполитика. Во Примера знам за Реал Мадрид, Реал Сосиедад и Реал Бетис, ама за Реал Политика не сум чул. Океј, нека победи Камала!