Абдулоски поседува и музичка култура и на секој што му остава понекој денар бакшиш му се заблагодарува со една музичка желба. Во ова сивило што го живее есенва Кичево, Селаудин му доаѓа како вистинско освежување

По пауза од две години деновиве на уличната свирка ѝ се врати Селаудин Абдулоски, последниот свирач на јавни места во Кичево. Тој поради здравствени проблеми имаше подолга пауза и, како што самиот рече, во изминатите две години многу му недостигале средбите со неговите сограѓани, кои секојдневно ги сретнувал во центарот на градот каде што редовно свирел.
– Јас како да сум предодреден за уличен свирач и токму од тие причини едвај дочекав да оздравам за да продолжам со уличната свирка како претходните две децении. Сега кога се вратив на старите навики, се чувствував како препороден и покрај скромниот бакшиш што го добивам од моите сограѓани – вели Селаудин.
Тој почнал да свири на 12 години и цели 52 години се занимава со музика.
– Откако знам за себе секогаш сум се занимавал со музика и таа традиција ја продолжувам и денес. Свирам на повеќе инструменти од хармоника, кавал, саксофон, кларинет, сѐ до тапани и барабани. Но јас не сум единствениот музичар во фамилијата бидејќи со музика се занимаваа и мојот татко хармоникаш и брат ми, кој е специјалист за дувачки инструменти – нагласи последниот уличен свирач во Кичево и посочи дека единствениот приход му е социјалната помош од 7.000 денари и потсети дека овие пари не се доволни за лекови, а камоли за удобен живот.
Абдулоски поседува и музичка култура и на секој што му остава понекој денар бакшиш му се заблагодарува со една музичка желба. Во ова сивило што го живее есенва Кичево, Селаудин му доаѓа како вистинско освежување. З.А.