Паѓа претплатата на Нетфликс
Бројот на луѓе кои ги откажуваат претплатите на Нетфликс е речиси тројно зголемен откако шефот на стриминг гигантот ја поддржа кампањата на Камала Харис.
Нетфликс доживеа бран откажувања откако Рид Хејстингс, ко-основачот и претседател на Нетфликс, објави јавна поддршка за изборната кампања на актуелната американска потпретседателка, пишува британски Телеграф.
Стапката на откажување од 2,8 проценти во јули беше највисока стапка по онаа во февруари. Според британскиот медиум, Нетфликс донеодамна имаше исклучително ниска стапка на откажување.
Напливот на отпишувања дојде откако Рид Хејстингс објави порака на X, порано Твитер, честитајќи и на Камала и додаде: „Време е за победа!“
Истовремено, технолошкиот милијардер изјави за The Information дека донирал дури 7 милиони долари за кампањата.
Јавната поддршка беше дочекана со бес од многу поддржувачи на Трамп кои повикаа на бојкот на услугата. Многумина објавија фотографии на социјалните мрежи на кои се гледа како ги откажуваат своите претплати со хаштагот #CancelNetflix.
Напливот на откажувања, исто така, се смета дека делумно се должи на одлуката на компанијата постепено да го укине својот основен пакет – најевтината верзија на Нетфликс без реклами – при што корисниците се охрабруваат да изберат нов план за продолжување на преносот.