Хумореска

Само што се врати дома од првиот училиштен час, првачето Ранко, уморен, со торбата на грбот, се плесна на креветот до дедо му. Дедо Трајан го погледна од крајот на окото. Лекичко со раката му ја разбушави русата коса. Беше радосен оти внучето му тргна на училиште. Го зеде во прегратки и така со блага насмевка на лицето се врати во мислите кај своите училишни почетоци. Пред него се појавија учителот со густите црни мустаци и со прачката во рацете и Буба од првата клупа до вратата. Се најде во препирката со другарите, чиј татко е поербап. Од занесот го врати прашањето на Ранко.
– Дедо, колку години беа потребни да работиш за да дотуркаш до пензија?
– Многу години. Многу години деноноќна работа.
– Мора да се тоа мачни и тешки години?
– Не треба да се заборави дека работата го прави човекот, внучко!
– Ако работата го прави човекот, а не училиштето, тогаш учењето е за џабе.
– И учењето е работа, драги мој Ранко.
– Дедо, би ми помогнал ли да изберам некоја полесна работа?
– Се разбира, ама кога ќе станеш пензионер, како што од денес сум и јас.

Трајче Кацаров


Учиме нови зборови

Хумореска е новела или расказ што, за разлика од сатирата и гротеската, на едноставен начин обработува некоја тема. Хуморот е ведар, тонот е забавен, а содржината е претставена на шеговит и оптимистички начин. Денес хумореската претставува и новинарска форма, во облика на фељтон или новинарска приказна.