Фото: Руски претседател/Твитер

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека во вооружениот конфликт во Украина „ќе се постигнат сите поставени цели“.

-Вистината е на наша страна. Сите поставени цели ќе бидат постигнати, рече Путин во видео обраќањето по повод втората годишнина од руската анексија на четирите украински региони – пренесе Бета.

Тој му го честиташе на рускиот народ 30 септември – „Денот на обединување“ со украинските региони Луганск, Доњецк, Запорожје и Керсон.

Според рускиот претседател, тоа обединување било „судбоносен настан“, неопходен за заштита на жителите на овие рускојазични региони на Украина од „неонацистичката диктатура“ и „радикалниот национализам“.

-Ние не ги напуштивме нашите браќа и сестри“, рече Путин, бранејќи ја „неопходноста и легитимноста на руската специјална воена операција“ – како што во Русија се смета нападот врз Украина на 24 февруари 2022 година.

-Денеска сите се бориме за безбедна и успешна иднина на нашите деца и нашите внуци – додаде рускиот претседател.

На 30 септември 2022 година, Путин ја потпиша анексијата на украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон.

Овие региони, кои се само делумно контролирани од Москва, гласаа за нивната верност кон Русија на референдум што не беше признат од Киев и меѓународната заедница.