Фото: ЕПА

На реформираното клупско СП 2025 првпат ќе играат 32 тима од целиот свет. Од Јужна Америка пет тима обезбедија пласман, а за уште едно место шанси имаат тројца полуфиналисти на Копа либертадорес, Пењарол, Ботафого и Атлетико Минеиро, како и Олимпија

ФУДБАЛ – КОПА ЛИБЕРТАДОРЕС, ПОЛУФИНАЛЕ

Уругвајскиот Пењарол го победи дома бразилскиот Фламенго со 1-0 и со истиот вкупен резултат се пласира во полуфиналето на Копа либертадорес, клупското фудбалско натпреварување на Јужна Америка. За пласман во финалето на Копа либертадорес, Пењарол ќе игра со уште една екипа од Бразил, Ботафого, а другата полуфинална двојка е Атлетико Минеиро (Бразил) – Ривер плата (Аргентина).
Од четирите полуфиналисти сезонава во тоа натпреварување, три имаат шанса, со освојување на континенталната титула, да се пласираат на клупското Светското првенство (СП) што в година ќе се игра во САД, и тоа Пењарол, Ботафого и Атлетико Минеиро.
Ривер плата претходно го обезбеди пласманот на Мундијалот преку ранг-листата на Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ), но ако ја освои годинашната титула така ќе се пласира на СП 2025, а на планетарниот шампионат преку ранг-листата ќе се пласира и Олимпија од Парагвај.
Од Јужна Америка на клупското Светско првенство ќе настапат и континенталните шампиони од претходните три години, Палмеирас, Фламенго и Флуминенсе (сите од Бразил), како и Бока јуниорс (Аргентина), која се пласира преку ранг-листата на КОНМЕБОЛ.
На реформираното клупско СП 2025 првпат ќе играат вкупно 32 тима, од целиот свет, и тоа 12 екипи од Европа, шест од Јужна Америка, по четири од Азија, Африка и од Северна Америка и по еден тим од Океанија и претставникот на земјата домаќин, САД. Од Европа ќе настапат Челси, Реал Мадрид и Манчестер сити како европски шампиони во минатите четири сезони, како и Баерн, Пари сен Жермен, Интер, Порто, Бенфика, Борусија Дортмунд, Јувентус, Атлетико Мадрид и Салцбург, преку ранг-листата на Европската фудбалска унија (УЕФА). Н.М.