Книгата „Во потрага по Мери Шели“ од Фиона Сампсон, издание на „Перун артис“ од Битола, ќе биде промовирана во бифето на МКЦ, на 26 септември (четврток). Во оваа прониклива нарација, Фиона Сампсон ја следи Мери Шели низ нејзиниот бурен живот, исто како што Виктор Франкенштајн го гонел своeто чудовиште низ арктичките простори.
– Сампсон напишала книга што конечно одговара на прашањето како една деветнаесетгодишна девојка успеала да напише роман толку темен, мистериозен, болен и психолошки прониклив, што продолжува да одекнува и по два века. Ниту еден претходен биограф никогаш навистина не го разгледал ова прашање, а камоли да го одговори – напиша „Економист“.

Фиона Сампсон е поетеса што двапати била номинирана за наградата „Т.С. Елиот“ и за наградата „Форвард“. Таа ги има добиено наградата „Чалмондели“, наградата „Њудигејт“ и Наградата за писатели од уметничките совети на Англија и Велс. Исто така, таа е членка на Кралското друштво за литература, членка на Кралското друштво за уметности и членка на доверителите на фондацијата „Вордсворт“.