Фото: Фрипик

Валутна диверзификација како можност за справување со недостатоците на сегашниот светски монетарен систем

Д-р Дејан Јововиќ

Централните банки на развиените економии очекуваат зголемување на учеството на златото во глобалните резерви, на сметка на американскиот долар. Побарувачката за злато, која се јавува и покрај големиот пораст на цената на жолтиот метал, е последица на обидите на централните банки да ги диверзифицираат своите инвестиции во алтернативни валути и средства, особено откако „САД го искористија доларот како оружје во санкциите против Русија“.

Главниот мотив за зголемување на златните резерви е тоа што Америка го користи доларот како политичко средство против одредени земји. Тие, пак, се бранат со излегување од доларот и инвестирање во злато. Зголеменото печатење долари и евра влијаеше на инфлацијата, а инвеститорите се бранат од неа со вложување во инвестициско злато.

За разлика од златото, кое е олицетворение на вредноста, хартиените долари немаат внатрешна вредност. Тие можат да функционираат како светски пари, олеснувајќи ги трговијата, инвестициите, кредитите и дејствувајќи како складиште на вредност до степен до кој се поддржани од економската моќ на американската држава и нејзиниот финансиски систем. Всушност, од суспензијата на конвертибилноста на хартиената американска валута во злато во 1971 година, доларот е де факто фиат-пари, кој својата вредност ја нема поддржано од никакво конкретно средство (како злато или сребро), туку неговата вредност е дадена од гаранцијата на институцијата што ја издава. Ова значи дека фиат-парите немаат употребна вредност, освен вредноста на хартијата на која се печати или металот што се користи за изработка на монетите. Едноставно кажано, фиат-парите „вредат затоа што централната банка и владата велат дека вредат“. Сите денешни светски валути се фиат-пари.

БРИКС може да понуди алтернатива

Уделот на доларот во глобалните девизни резерви падна од повеќе од 70 отсто во 2000 година, кога беше веројатно хегемонската резерва, на околу 55 отсто денес, а тој пад на довербата во американската валута ќе продолжи. Во случај на колапс на доларот и меѓународниот монетарен систем, БРИКС може да понуди алтернатива, вклучувајќи „вистинска валута поддржана од размена на стоки“, смета рускиот директор во ММФ. Членовите на БРИКС би можеле да создадат заедничка валута, која ќе се базира на валутите на петте земји членки на организацијата, вклучувајќи ги: кинескиот јуан, индиската рупија, руската рубља, бразилскиот реал и јужноафриканскиот ранд. За ова се разговара и ќе биде потребно сите овие идеи да се реализираат и да бидат поддржани со вистинска размена на стоки.

Многубројни западни медиуми често пишуваат за недостатоците на сегашниот монетарен систем, спомнувајќи го БРИКС како организација што е способна да понуди алтернатива.

Во септември минатата година, по самитот на земјите од БРИКС во Јужна Африка во август, за првпат на јавноста 7 беше претставена банкнота што може да стане нова светска валута. Имено, рускиот амбасадор во Јужна Африка ја демонстрираше банкнотата „БРИКС 100“, што тогаш можеше да се смета за пропаганден потег. Настаните во Преторија целосно се вклопуваат во планот на оваа алијанса за дедоларизација на меѓународната трговија и најширока можна употреба на националните валути, што е еден од основните постулати на БРИКС.

Шпекулациите дека БРИКС евентуално би можел да ја пласира својата валута на светскиот пазар во 2024 година земаат замав ако се земе предвид најавениот самит на оваа организација во Казан, Русија, од 22 до 24 октомври годинава, и одлуките што се очекуваат.

Имено, на минатогодишниот самит на БРИКС беше истакната потребата од користење на националните валути во пресметките. Се проценува дека ова е глобален момент за користење на локалните валути, алтернативни финансиски процедури и платежни системи. Во овој поглед, лидерите на БРИКС им дадоа задача на министрите за финансии на нивните земји да работат на овие прашања. Тие формираа група што ќе го разгледа „прашањето за формирање алтернативен систем за плаќање“ до следниот самит. БРИКС е подготвен да бара можности за подобрување на „стабилноста, доверливоста и фер и праведни односи во глобалната финансиска архитектура“.

Заедничка валута како стратегиски чекор

Мислењата на економските експерти за импликациите или потенцијалот на валутата БРИКС се поделени. Сепак, новата валута може да биде од клучно значење за понатамошниот развој на алијансата. Посветеноста да се диверзифицира од американскиот долар во меѓународните трансакции сугерира дека заедничката валута може да биде стратегиски чекор во понатамошното зајакнување на економската соработка меѓу членките.

БРИКС како економски сојуз секако не е нов феномен во геополитичкиот сектор. БРИКС стана една од главните геополитички теми во 2023 година поради неговата борба за мултиполарен светски поредок и ставање крај на доминацијата на доларот. Сите знаци укажуваат на тоа дека блокот ја развива својата валута со цел еднострана трговија. Проектот добива сè поголемо значење ако се земат предвид санкциите на западните земји кон Русија, кои несомнено би имале корист од формирањето на валутата БРИКС.

Треба да се каже дека најавената валута БРИКС првично би била само сметководствена валута и би се користела како мерка во однос на која долговите што произлегуваат од меѓусебната трговија и кредитирањето во национални валути би биле урамнотежени, додека на класичната валута, ако заживее, ќе треба да се чека подолго време.

Доминантниот долар е еден од многуте проблеми на земјите во развој, каде што многумина сметаат дека меѓународните институции како ОН, ММФ и Светска банка не им служат на нивните интереси. Земјите од БРИКС постојано повикуваат на создавање поправеден светски поредок и реформа на глобалните институции. Но изразената намера на групата БРИКС во однос на доларот нема да ја „сруши“ оваа валута преку ноќ.

Земјите членки на групата БРИКС по состанокот одржан во Русија овој јуни објавија дека се во завршна фаза од нивната мисија за дедоларизација и дека „е потврден нивниот нов систем на плаќање, кој ќе стане конкурент на сегашната глобална резерва од американскиот долар“. Целта на блокот е неговиот мултиполарен меѓународен монетарен систем да го означи крајот на американскиот долар како единствена глобална резервна валута.

Промоција на локални валути во меѓународните трансакции

За новиот платен систем се разговараше долго време, но сега БРИКС официјално го потврди својот развој и вистинската цел – американскиот долар. Во последните две години, економската алијанса БРИКС се обиде да го оспори глобалниот економски статус кво. Блокот бараше алтернатива на финансискиот поредок во кој доминира Западот. Овие напори се рефлектираат во форма на зголемена практика на дедоларизација и промоција на сопствените локални валути на блокот. БРИКС има цел да ја прекине врската со американскиот долар и да ја користи локалната валута за сите прекугранични трансакции меѓу земјите членки. Овој потег ги привлекува и другите земји во развој да се приклучат кон БРИКС. Идејата за отфрлање на доларот во корист на локалните валути и новите глобални резерви стана сè попопуларна низ целиот свет. Концептот на валута поддржана од злато и дигитални валути на централната банка се сметаат за соодветни алтернативи.

По колапсот на релативно стабилниот систем на Бретон Вудс, кој имаше воспоставено „правила на однесување“ и механизми за функционирање, светот се најде во постојана валутна и финансиска криза со помал и поголем интензитет. Повторното составување на светскиот монетарен поредок е особено присутно во последните години и со избувнувањето на војната во Украина, кога во процесот на дедоларизација се намалува важноста на американскиот долар како единствена главна резервна валута во светот.

Постои долгорочен тренд кон диверзификација на валутите во глобалните финансиски трансакции и трговија, како и зголемена употреба на националните валути во меѓусебните плаќања. Без оглед на трговијата со други валути, американскиот долар сè уште е релативно силна светска валута и глобално платежно средство, а неговата улога постепено се намалува во контекст на долгорочната промена на моќта од Запад кон Исток.

Кризата во која се наоѓа светот не покажува знаци на забавување. Јавниот долг на САД веќе достигна 35 илјади милијарди долари. Инаку, вкупниот светски долг годинава достигна огромна сума од 315 илјади милијарди долари, додека вкупниот БДП изнесува 109 илјади милијарди долари, нешто повеќе од една третина од тој глобален долг. Зголеменото значење на земјите од БРИКС во светската економија и политика, кое за сега стана посилно, со пет нови членки (Саудиска Арабија, Иран, ОАЕ, Египет и Етиопија) од 1 јануари годинава, кои имаат 30 отсто од светската (копнена) површина, 45 отсто од светското население, околу 37 отсто од светскиот БДП, нужно ќе доведе до одредени промени во силите и центрите на моќ во процесот на трансформација кон мултиполарен поредок во светот.

Авторот е економист и научен советник