Фото: „Нова Македонија“

Почна сезоната на зимниците

Некои од граѓаните велат дека и покрај тоа што има да се купи сѐ во маркетите, ниту еден производ не е како домашниот и токму тоа е мотивот за приготвување во домашни услови. И навистина е така, домашно приготвеното е најубаво, но цената што треба да се плати за негово приготвување е мошне висока. И тука не станува збор за набавката на пипер и масло за јадење, туку за работата, но и за ѓубрето што се создава за да се произведе „македонскиот кавијар“

Голем дел од семејствата што приготвуваат зимница го прават тоа спротивно на законските прописи, загадувајќи ја животната средина и фрлајќи ги отпадоците на несоодветни места. Секоја година, веќе традиционално, од водоводното претпријатие апелираат до граѓаните да не го исфрлаат отпадот од зимниците во атмосферската канализација. Инспекторите, кои се на терен, претежно ги опоменуваат граѓаните, но може да се случи и да бидат санкционирани прекршителите на законот

Иако календарски сѐ уште е лето, временските услови веќе се есенски. Заладувањето ги натера граѓаните да побрзаат со приготвувањето на традиционалната македонска зимница. Па така, во некои населби веќе наголемо се чувствува мирисот на печени пиперки. Можеби помалку за разлика од пред една деценија, но голем дел од граѓаните се држат до традицијата. На вжарените ќумбиња, вредните домаќини во дел од скопските населби вртат ајварки, домати, модри патлиџани…, па се приготвуваат ајвар, лутеница и други јадења што се дел од зимската традиционална трпеза во нашата земја. Но колкумина знаат дека може да ја „пресолат“ зимницата со парична казна поради несоодветно третирање на отпадоците по приготвувањето?

„Да“ за македонскиот кавијар, „не“ за смет на сите страни

– Вистина е дека сега сѐ може да се купи во маркетите, но, да бидеме искрени, ништо не е вкусно како дома приготвено. Правењето зимница е и скапо и треба време, но нашиот договор дома е дека ќе се прави. Ако треба, ќе намалиме на количеството, но зимница треба да има. Дополнително, сега е и модерно да се готви. Внуците постојано гледаат некои телевизиски канали за готвење, па со задоволство ни се придружуваат. И така, кога семејството е заедно, задоволството е поголемо – вели Борче Стојановски од Чаир.

Иако дома приготвеното е најслатко, цената што може да се плати за неговото приготвување може да биде мошне висока. Тука не станува збор за набавката на пиперот, туку за третманот на сметот што се создава за да се произведе „македонскиот кавијар“.

Како и секоја година така и оваа, голем дел од семејствата што приготвуваат зимница го прават тоа спротивно на законските прописи, загадувајќи ја животната средина и фрлајќи ги отпадоците на несоодветни места. Така, на улиците може да се забележат лушпи од пиперки и семки, а отпадот се фрла и во шахтите. Исто така, многумина не внимаваат што ќе изгори во ќумбињата, па палат разни отпадоци, гуми, пластика, која селектирано би требало да заврши на соодветно место за тоа. Како последица на тоа, мирисот на печени пиперки може да биде измешан и со смрдеа од горење опасни материјали.
– Ние внимаваме, но дел од соседите не – вели Борче.

Граѓани се жалат дека сметот се фрла во атмосферската канализација, па може да дојде и до затнување.
– Ај што мојот сосед го става ќумбето близу мојата куќа и чадот цело време ми е во двор и ми влегува во куќата, најлошо е кога ќе ги излупат пиперките, лушпите и семките со црево си ги чистат од дворот, исфрлајќи ги надвор на улицата. Дел од сметот го фрлаат во атмосферската канализација, со што ја затнуваат и така е секоја година. Живеам во населба каде што има претежно куќи со дворови, па затоа и имаме проблем. Некои од соседите горат и гуми и разни штици во ќумбињата, со што директно нѐ трујат, а миризбата е неподнослива. Со оглед на тоа што секоја година се расправаме за оваа тема, незгодно ми е да пријавам, бидејќи ќе знае дека јас сум таа што пријавила и ќе настане уште поголем проблем – вели Дивна Димитровска, жителка на скопско Лисиче.

Може да бидете казнети за несоодветно отстранување на отпадоците

Секоја година, веќе традиционално, од водоводното претпријатие апелираат до граѓаните да не го исфрлаат отпадот од зимниците во атмосферската канализација. Велат дека со тоа предизвикуваат проблем во целата канализациска мрежа, ризикуваат да ја затнат, па при поројни дождови таа нема да биде функционална и нема да ја собира надојдената вода. Канализациската и атмосферската канализација, велат оттаму, не се место каде што се фрла каков било отпад, освен оној за кој се наменети. Затоа апелираме до граѓаните да се однесуваат совесно и отпадоците да ги фрлаат на соодветно место.

Градските власти за овој проблем во повеќе наврати информираа дека граѓаните што не се однесуваат соодветно го прекршуваат Законот за јавна чистота.

Инспекторите, кои се на терен, претежно ги опоменуваат граѓаните, но може да се случи и да бидат санкционирани прекршителите на законот. Во согласност со законот, казната за овој прекршок изнесува 50 евра во денарска противвредност.

Инаку, законот не дозволува правење зимница на јавен простор, за што исто така е предвидена казна.

[email protected]