Споменик на Христофор Жефаровиќ во Стар Дојран - Фото: Кирил Симеоновски

Повод: 271 година од смртта на Христофор Жефаровиќ

Неполн век по неговата смрт, под влијание на националните идеологии за кои требало да се најде легитимитет, балканските историографии почнале да претаат по „славното“ минато и да се впуштаат во определување на етничката – или поскоро националната – припадност на Христифор Жефаровиќ. Ќе ги разгледаме деталите на мала историска ирационалност, но не со побивање на посочениве тврдења – зашто тие и по самата своја природа не можат да издржат методолошка критика – туку ќе се обидеме да се осврнеме и да ги посочиме идентитетските ознаки на луѓето од тоа време, како во османлиска Македонија така и надвор од неа. На овој начин ќе ја потцртаме апсурдноста на обидите да се определи етничкиот идентитет на Христофор Жефаровиќ во денешна смисла на зборот, како и залудноста на едностраните романтични потраги по идентитетски ознаки за предметниот период

Автори: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев и проф. д-р Војислав Саракински

Хуманизмот и ренесансата ѝ дале силен поттик на преродбата на културното, книжевното и етичкото наследство на класичната антика; мошне брзо следувале обновениот интерес и широката афирмација на старите кралства и античките јунаци, во тој контекст и на Македонија и на Александар Велики. Во 1490, во Рим било преобјавено делото на Клавдиј Птолемај, прочуениот географ од 2 век ст.е., каде што границите на географска Македонија биле определени приближно точно. Картата на Птолемај послужила како основа за изработка на други карти: во 1589, во Дуисбург била отпечатена првата современа карта на Македонија, изработена од Герардус Меркатор. Напоредно со ова растел интересот за античките и средновековните традиции – имено, за Александријадата – па името на Македонија и нејзината стара историја им станувале сѐ поизвесни на западните патописци и учени луѓе. Преку Дубровничката Република – единствената слободна јужнословенска енклава и протагонист на јужнословенската идеја – овие сознанија навлегле длабоко во Далмација, Хрватска, Босна, но и меѓу македонските трговци и учени луѓе.

Еден од првите што ја усвоиле македонската самоопределба бил Јурај Јулије Кловиќ

Ова можеби послужило како почетна точка за нивното самоидентификување со поимите „Македонија“ и „Македонци“, но и за нивното означување како такви од други луѓе. Според нашите сознанија, еден од првите што ја усвоиле ваквата „македонска самоопределба“ бил Јурај Јулије Кловиќ (1498–1578), прочуениот хрватски/италијански илуминатор, минијатурист и сликар, кој со своето врвно мајсторство го заслужил прекарот „Микеланџело на малиот формат“. Бидејќи бил родум од Хрватска, овој италијански сликар од современиците често бил нарекуван Гровато (Grovato); меѓутоа, веројатно поради македонското потекло на неговите предци, самиот потпишал неколку свои дела со прекарот Macedo, т.е. „Македонецот“.

Почнувајќи од 16 век, некои од охридските архиепископи и патријарси почнале да го вклучуваат поимот „Македонија“ во својата интитулација, практика што почнале да ја следат други надворешни лица и институции при обраќањето кон охридските архиепископи или кон самата архиепископија. Од вообичаените формули од тоа време, ги издвојуваме Mακεδονίας καὶ τῶν λοιπῶν πατριάρχης; ἀρχιεπισκοπῆ τῆς ᾶ Ἰουστινιανῆς Ἀχριδῶν καὶ πάσης Βουλγαρίας, Σερβίας, Ἀλβανίας, δευτέρας Μακεδονίας, καὶ τῶν λοιπῶν; πατριάρχος τῆς πρώτης Ἰουστινιανῆς Ἀχρειδῶν καὶ πάσης Βουλγαρίας, Σερβίας, Μακεδονίας, Ἀλβανίας итн.

До крајот на 18 век, поимите „Македонија“, „Македонци“ и „македонски народ“ веќе биле целосно прифатени и се користеле не само од луѓе што потекнувале од османлиска Македонија туку и од некои европски владетели. Особено впечатливо сведоштво за ова е писмото на царот Леополд Први во врска со заштитата на „македонскиот народ“ (gens Macedonica), издадено по барање на двајца „Македонци“ (Macedones), Марко Крајда од Кожани и Димитрије Георги Поповиќ, двајцата „родени во македонски Солун“ (in Saloniki macedonica natos).

Особено внимание заслужува прашањето како се идентификувале и како се самоидентификувале луѓето по потекло од Македонија во времето на Жефаровиќ, на територијата што се протегала меѓу Хабсбуршката Монархија и Руското Царство.
Познато е дека за време на големата Австро-турска војна (1683-1699), со повлекувањето на Австријците од внатрешноста на Балканот, со нив заминале на север голем број православни христијани од Србија, Македонија, Косово, Црна Гора, Босна и од Бугарија. Тие се населиле на север од Сава и Дунав, првенствено во пограничните области на Хабсбуршката Монархија, каде што биле задолжени да ја обезбедуваат границата како своевиден cordon sanitaire против упадите од Османската Империја. Изложено на притисоци од Католичката црква и влијанието на германскиот и унгарскиот јазик, дел од ова православно словенојазично население почнало да мигрира кон православна словенска Русија, која, пак, во тоа време требало да најде практичен начин за колонизирање на новоосвоените области во Украина. Ова мигрирање, поттикнувано од Русија, зело особен замав во времето на царицата Елисавета Петровна (1741–1762); како главен организатор на преселбите дејствувал рускиот претставник во Виена, грофот Михаил Петрович Бестужев-Рјумин, во соработка со австрискиот (подоцна руски) офицер од јужнословенско потекло, Јован Самуиловиќ Хорват де Куртиќ.

Во 1750 година, грофот Бестужев-Рјумин ја известил руската влада дека „православните народи – Срби, Македонци, Бугари и Власи – сакаат да ѝ служат на нејзиното Императорско Величество со крв и оружје“. Во барањето од преселниците, кое преку Јован Хорват било доставено до Бестужев и понатаму до надлежните руски власти, меѓу другото се наведени и „условите под кои православните народи, српски, македонски, бугарски и влашки, сакаат да ѝ служат со крв и оружје на нејзиното Императорско Величество, мајчинската покровителка“. Осврнувајќи се на условите под кои требало да бидат прифатени преселниците, кои првенствено требало да се ангажираат за воени цели, Бестужев пишува: „Во мирно време, овој корпус составен од Срби, Македонци и Бугари – православни и еднородни нам народи – по храброст му се познати на целиот свет“.

По пристигнувањето на првата група преселници на чело со Јован Хорват и формирањето на првиот хусарски (коњички) полк во Украина, по заповед на царицата Елисавета Петровна, Сенатот издал повеќе укази со кои не само што дозволил натамошно населување на Срби, Македонци Бугари и Власи туку препорачал и основање посебни полкови врз основа на етничката припадност. Преселниците предводени од Хорват – вклучувајќи ги и Македонците – биле населени во областа наречена „Новаja Сeрбија“ или „Новосербија“ (Новосербія).

Во 1753 година, во Русија пристигнала нова, уште поголема група преселници од Австрија предводена од Јован Шевиќ и Рајко Прерадовиќ. На 29 мај 1753 година, Прерадовиќ добил царски указ со упатство „сите српски, македонски и други нации на православни луѓе“ да се населат на исток од Хорват, односно во новоформираната „Славосербија“ (Славо-Сербія) или „Славјаносербија“, каде што ќе бидат организирани во два полка. Овој случај е особено интересен, зашто според архивската документација во мешаниот полк на Шевиќ се евидентирани 74 лица како припадници на „македонската нација “ (македонской нацией). Меѓу странските доселеници во областа Новаја Сербија во декември 1754 година се регистрирани „277 Срби, 124 Македонци, 57 Бугари, 1.675 Власи, 32 Германци и 79 Унгарци“ од машки пол.

Македонското присуство во Украина има белег и врз топонимијата

Веќе спомнавме дека, со цел да ги засилат своите позиции на јужната граница кон Османската Империја, руските власти вршеле интензивно колонизирање на етнички разнородно население, кое потоа било организирано во посебни воени полкови. Кон средината на 18 век, изворите веќе спомнуваат српски, унгарски, грузиски и молдавки полк. Во мај 1759 година била издадена заповед за основање македонски и бугарски хусарски полк. Официјалното име на македонскиот полк гласело Македонскиiй гусарскiй полевiй полкъ; станувало збор за оперативен коњички полк што не бил распореден во гарнизон, туку се испраќал на разни фронтови по потреба. Како и кај сите други, и во македонскиот полк, освен Македонци, имало Срби, Бугари, Црногорци и други; сепак, во него главно се испраќале новодојдените Македонци, каков што бил случајот со благородникот на унгарската круна, Македонецот Александар Димитриев. Македонското присуство во Украина има белег и врз топонимијата, на што укажуваат повеќе имиња на населби, како Македонивка / Македоновка, Македонка, Македонив, Македони, потоа Скопјевка, Куманово, Малаја Каратовка и Новиј Полог.

Македонците како посебна народност ги препознава и црногорскиот митрополит Василије Петровиќ. Додека престојувал во Русија, во 1757 година Петровиќ поднел писмена информација до грофот Михаил Иларионович Воронцов – кој во тоа време ја вршел и должноста на вицеканцелар на Руската Империја – во која укажал дека, освен Црна Гора, на турско потисништво биле изложени и соседните народи – Албанците, Македонците (Македоняне), Босанците, Србите и Бугарите. Наредната година, митрополитот бил примен на аудиенција кај великиот руски књаз и херцог Петар Фјодорович и царицата Елисавета Петровна. На двата приема, митрополитот не пропуштил да нагласи дека освен Црногорците, турската власт ја поднесуваат и соседните Албанци, Македонци (Македонянъ / Македоняни), Срби, Бугари и Босанци.

Мошне е интересно да се проследи определбата и самоопределбата на луѓето што потекнувале од османлиска Македонија, но во ова време живееле во средна Европа. Ристо Ковијаниќ, кој меѓу двете светски војни го истражувал културно-образовниот развој на српските преселници во Хабсбуршка Словачка во текот на 18 и 19 век, во обемниот архивски материјал од тамошните образовни институции забележал и мошне голем број ученици што изјавиле дека по потекло се од Македонија.

Покрај многубројните Срби, во архивскиот материјал е забележан и извесен број Македонци „за које обично у уписници стоји ‘Македонац’“. За дел од овие ученици стои дека се православни христијани „од Македонија“ (ex Macedonia); кај други се среќаваат одредниците Graecus; Graecus, Macedo; Macedo, Graecus; има неколку случаи на Ocridensis, Macedo; Ocrida, Macedo; Sera, Macedo; Veria, Macedo; Macedo, Rascianus [Rascinus; Serbus, Servensis], како и сосема ретки примери за Rosyanin, Hungarus или Vlachus. Мошне е впечатлив фактот што – барем според податоците собрани од Ковијаниќ – од забележаните лица од Македонија, никој не се изјаснил (или пак не е заведен) како Бугарин.

Оваа куса ретроспектива на идентитетските ознаки, со понагласен осврт врз поединците што се самоопределувале или, пак, биле препознавани како „македонски“, „од македонскиот народ“ или (мошне нетипично за времето) „од македонската нација“, нема цел да го истакне присуството на македонска идентитетска ознака во изворите – независно што неколку историографии го игнорираат или го негираат тоа – туку поскоро да посочи дека таа постои напоредно со сите други ознаки. Од она што можевме да го видиме досега, додека системот на традиционални милети во османлиска Македонија и насекаде во империјата барал поданиците да се попишуваат според нивната верска припадност, па така, ненамерно ја криел нивната етничка припадност – на други места, особено во Хабсбуршката Монархија и во Русија, поимите „Македонец“ и „македонски народ“ се користеле вообичаено и рутински напоредно со сличните ознаки за другите балкански народи, Србите, Бугарите, Грците, Власите итн.

Продолжува