Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрекоа мерка за спроведување на повторна дезинфекција, а ќе бидат земени и нови контролни брисеви од кујната каде се подготвувала храна која се послужувала во мензата на Воена академија касарна Гоце Делчев – Аеродром Скопје, од каде деновиве беше пријавен сомнеж за труење со храна.

– Изречената мерка по спроведениот вонреден инспекциски надзор за времено затворање на кујната ќе остане на сила се додека со новите лабораториски тестирања не се потврди нејзината безбедност – соопштија од АХВ.

Од АХВ посочуваат дека  од Центарот за јавно здравје ги добиле резултатите од лабораториските тестирања на земените мостри храна и брисевите од кујната каде се подготвувала храна која се послужувала во мензата на Воената академија.

– Кај испитаните мостри храна (филета ослиќ, тартар сос, компир, индијанка, домат, свинско печено месо, динстан ориз и динстана зелка), не се утврдени отстапувања во однос на безбедносните критериуми. Кај еден брис, од земени два од работна маса, по спроведената микробиолошка анализа, утврдено е дека брисот не ги задоволува хигиенските стандарди, односно, утврдено е присуство на аеробни мезофилни бактерии. Лабораториски тестирани се и земени два бриса од раце и по еден брис од машина за сечење зеленчук, пластична корпа за измиен зеленчук – прецизираат од АХВ.