ТАЕКВОНДО
За две-три недели почнуваме со настапот на Г1-турнирите, а во декември ќе бидеме дел од големото гранпри-финале во Кина, најголемо натпреварување по ЛОИ. Тука се освојуваат многу поени за олимписката ранг-листа. По краткиот одмор, вратени сме во тренажен процес и се надевам дека повторно ќе ја израдуваме македонската јавност со нови успеси, вели тренерот Ефтимов
Македонската олимпијка во таеквондо Милијана Рељиќ, членка на ТК Тигри од Скопје, е рангирана на седмата позиција на најновата oлимписка ранг-листа.
Со оваа позиција, според нејзиниот тренер Александар Ефтимов, почнува процесот на собирање поени за oлимписка А-норма за следните Летни олимписки игри (ЛОИ), во Лос Анџелес, во 2028 година, каде што првите пет натпреварувачки од оваа ранг-листа ќе обезбедат директна норма за настап на Игрите во САД, пишува Македонскиот олимписки комитет (МОК).
– За две-три недели почнуваме со настапот на Г1-турнирите, а во декември ќе бидеме дел од големото гранпри-финале во Кина, најголемо натпреварување по ЛОИ. Тука се освојуваат многу поени за олимписката ранг-листа. По краткиот одмор, вратени сме во тренажен процес и се надевам дека повторно ќе ја израдуваме македонската јавност со нови успеси – изјави тренерот Ефтимов, пренесе Македонскиот олимписки комитет.
Тренерот Ефтимов ветува медали од гранпри-натпреварите, како и од други европски и светски настапи. На Летните олимписки игри во Париз годинава Рељиќ имаше добар настап, победувајќи ја во првото коло двократната олимписка шампионка, Британката Џејд Џонс, што претставуваше голем успех за најдобрата македонска таеквондистка. Г.И.