Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио
Пред сè, да кажам дека мојата фамилија е целосно ликвидирана во концентрациониот логор Треблинка во 1943 година, вкупно околу 200 лица, од германските нацисти, а апсењето и депортацијата ги изврши бугарската фашистичка армија, по налог на цар Борис Трети, Богдан Филов (премиер) и Георги Белев (началник за еврејски прашања).
Моите родители преживеаја бидејќи беа партизани. Сепак, татко ми беше во бугарскиот концентрационен логор во Плевен, а такви имаше повеќе во Бугарија. А знаете ли кој ги ослободи? Црвената армија. Не „големите спасители“ Бугарите, како што се фалат лажејќи по светот, а светот за срам ги поддржува. Ниско и бедно.
Нашата комисија за историски прашања меѓу Бугарија и Македонија, или популарната историска комисија, работеше дискретно и јавноста имаше многу малку информации за деталите од нејзината работа. Сепак, за првпат тие направија „грешка“ и во медиумите нивниот претседател Драги Ѓоргиев (сега поранешен) во повеќе медиуми изјави дека бугарската влада во тоа време не била фашистичка и била само административна.
Тоа е големо понижување за Евреите од Македонија и за целиот свет и голем срам за нашата држава. Некои нивни членови и нивни пријатели ме убедуваа дека и самиот цар Борис Трети не бил фашист. Срам да им е! Јас реагирав и тогаш, но мислам дека никој не го забележа тоа.
Напомена: Бугарија никогаш не се извини за еврејскиот геноцид, каде што е клучен сојузник – што е услов за влегување во Европската Унија. Подоцна „протече“ информацијата дека комисијата им признала на Бугарите дека цар Самоил не бил Македонец, туку Бугарин, а исто така и за светите Климент Охридски и Наум Охридски. „На пат биле“ и Охридската архиепископија да им ја „подарат“ на Бугарите, но, за среќа, се побуни Македонската православна црква и тоа беше спречено. Замислете, ако им успееше тоа – тогаш Македонија и пошироко ќе беше под нивна духовна и културна управа.
Тоа е индикатор, како во провоодделенска читанка, дека Бугарија има империјалистички интенции и надвор од Македонија, сè до јадранско-јонско морската зона и тоа е првата причина зошто врши асимилација и во Албанија, секако со помош на „ментор“ или „ментори“.
Ако овие гестови на комисијата не се предавство и злосторство, тогаш не знам што се. Сепак, велат дека некои членови се спротивставиле и тие заслужуваат почит.
Тоа што Владата на Македонија ја смени комисијата е за поздравување – со извесно задоцнување. Мојот пријател, професорот Љубомир Цуцуловски на Канал 5 кажа дека таква комисија воопшто не треба да постои, со сликовита аналогија. Јас се согласувам со него. Така кажа дека проблемот од феноменолошки стана егзистенцијален. Но ако комисијата мора да постои – тогаш барем сите членови да бидат историчари (евентуално еден-двајца врвни дипломати), реномирани професори и оние што ја сакаат својата татковина Македонија. Да не биде политичка и формална, како што велат популарно „Курто и Мурто“, туку професионална и достојна. Странски член познат историчар би бил многу пожелен, заради поголема објективност и арбитража, под услов да не биде априорен „бугарокондициониран“.
Но дури и новата комисија да е доста „тврда“ и резистентна на бугарски и наши притисоци, има и други опасности. Наши и странски експерти тврдат дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Р Бугарија има големи замки (во протоколите, особено вториот), со кои си ги запечатуваме своите ставови за постоењето на македонскиот народ (барем до 1945 г.), за историјата дека е „заедничка“ и дека нема македонски јазик, што е зацементирано во нивното собрание.
Тоа е влезено „како вирус-ензим“, заедно со барањето за уставни промени, со надеж дека новата влада ќе ликвефицира (разводни) и ќе „легне на брашно“, или пак ќе дојде нова по нивен вкус.
Субјективно, мислам дека македонскиот синдром во Бугарија е морибунден уште од нејзиното формирање и дека никогаш нема да се откажат од своите ставови и империјалистичко-дигестивни нагони кон Македонија и пошироко. Нашиот народ заслужува многу повеќе почит и достоинство отколку што нудат ваквите „комисии“ и договори.
Авторот е пензиониран професор по медицина