Успехот на Палестина во ООН покажува дека храбриот пристап дава резултати
Иако успехот на Палестина за некого изгледа како мала и безначајна победа, сепак говори за фактот дека со добра стратегија и пристап Македонија може да издејствува враќање на уставното име „Република Македонија“ токму преку гласање во Генералното собрание на ОН, каде што се гласа по принципот на просто мнозинство. Имајќи предвид дека близу 150 држави ја имаа признаено земјава под старото уставно име, гласањето во Генералното собрание може да помине во полза на Македонија, бидејќи Грција, без оглед колку и да има сојузници, тешко ќе може да ги убеди сите да постапат спротивно на меѓународното право
Нејасната европска перспектива пред која е исправена земјава, како и принципот на постојани условувања што ги наметнува официјален Брисел, создаде револт и незадоволство кај мнозинството македонски граѓани, кои сметаат дека државата непотребно го смени уставното име. Токму тие остануваат и натаму гласни и јасни во пораките дека кога Европската Унија ги изигра македонската доверба и направената жртва, тогаш редно е и Македонија да се избори за исправање на неправдата со која најбезобѕирно беа прекршени меѓународното право и нормата јус когенс.
А кога станува збор за почитувањето на меѓународното право, тогаш земјава ги има сите меѓународноправни алатки институционално да ја исправи грешката што ја направи претходната политичка структура, прифаќајќи промена на името без согласност на граѓаните и со тоа загрозувајќи го директно македонскиот идентитет. Сопствената грешка треба да ја исправат и ОН.
Упорноста секогаш се исплатува
Дека борбата за враќање на старото уставно име не е јалова работа и дека во одреден момент тоа е сосема можно и легитимно говори и најновиот пример на Палестина, која по долгогодишна борба успеа да обезбеди официјално место меѓу членките на ОН.
Имено, Палестина за првпат зазеде официјално место меѓу членките на ОН на отворањето на Генералното собрание, а меѓу мисијата на Шри Ланка и Судан седеа дипломати во име на државата Палестина.
За време на неодамнешното отворање на 79-то заседание на Генералното собрание на ОН, светските дипломати со аплауз го поздравија присуството на своите палестински колеги, додека египетската делегација го окарактеризира како „историски момент“.
Палестинците досега седеа како набљудувачи на седниците на Генералното собрание на ОН и беа поставени зад дипломатите на земјите членки. Тоа е ново право што ѝ се дава на делегацијата, иако не е полноправен член на тоа тело.
Во мај, огромното мнозинство членови на Генералното собрание тврдеа дека Палестинците заслужуваат полноправно членство, што беше блокирано од САД. Генералното собрание потоа изгласа резолуција со која на оваа делегација ѝ се даваат одредени нови права – но не и право да гласа или да биде член на Советот за безбедност. Палестинците сега можат да поднесат предлози и амандмани и да седат меѓу земјите членки.
Меѓународното право е на македонска страна
Иако успехот на Палестина за некого изгледа како мала и безначајна победа, сепак говори за фактот дека со добра стратегија и пристап и Македонија може да издејствува враќање на уставното име „Република Македонија“ токму преку гласање во Генералното собрание на ОН, каде што се гласа по принципот на просто мнозинство. Имајќи предвид дека близу 150 држави ја имаа признаено земјава под старото уставно име, гласањето во Генералното собрание може да помине во полза на Македонија, бидејќи Грција, без оглед колку и да има сојузници, тешко ќе може да ги убеди сите да постапат спротивно на меѓународното право.
– Генералното собрание на ООН има примарна надлежност кога се работи за членските права, таквите се името и знамето во ООН. Ако реши да бидеме БЈРМ ќе бидеме БЈРМ, но ова е малку веројатно. Поверојатно е да биде прифатена нашата нацрт-резолуција во која ќе инсистираме да го продолжиме членството под името Република Македонија – објаснува Игор Јанев, професор по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград.
Тој е меѓу најгласните борци за раскинување на меѓународните договори (кои уште при самото склучување беа повеќеслојно конфликтни: и како форма и како содржина, но и како услови и притисоци под кои беа потпишани), што, според меѓународнопрaвните експерти предизвикаа, многу повеќе штетни последици отколку корисни, а ги склучи Македонија, најпрво со Бугарија, а една година подоцна и со Грција.
– Палестина по одлуката на Генералното собрание на ООН (со заобиколување на изјаснување во СБ на ООН) ги доби сите членски права во ООН. Ова е битно и за името во ООН, оти ако има просто мнозинство во Генералното собрание на ООН од тие што се присутни во салата и што гласаат, тогаш исто можеме да го добиеме името Република Македонија во ООН – појаснува Јанев.
Со поддршка од просто мнозинство на Генералното собрание на ООН може да се врати името
Воден од своето долгогодишно искуство, експертиза и познавања на меѓународното право, професорот Јанев веќе неколку години заговара раскинување на Преспанската спогодба како генератор на сите проблеми, кои на крајот можат да бидат погубни за македонскиот идентитет.
– Основната претпоставка за запирање на процесот на бугаризацијата (поточно бугарската асимилација) и поврзано со ова воспоставувањето на името „Република Македонија“ (односно отстранување на сегашното, базирано врз Преспанскиот акт, „Република Северна Македонија“) е – раскинувањето на Преспанската спогодба! По раскинувањето на оваа спогодба, неопходен чекор е да се извести генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации (ООН) и да се бара отстранување на овој акт од регистарот на ООН како раскинат договор. Потоа, државата мора да поведе акција преку предлог-резолуција на Генералното собрание на ООН за продолжување на членството на државата „Република Северна Македонија“ под името – „Република Македонија“ во ОН. Се разбира дека Грција нема да седи со скрстени раце и ќе ги повика САД, Франција и Велика Британија да свикаат седница на Советот за безбедност на ООН бидејќи „Република Северна Македонија“ еднострано го раскинала Преспанскиот договор, со што ќе се обиде да ја наметне перцепцијата дека со тој чин „се загрозуваат регионалниот мир и безбедноста“. Понатаму, во таа насока, Грција ќе бара од СБ да донесе препорака и одлука со која ќе ѝ наложи на Македонија да мора повторно да се обврзе со истиот акт (Преспанската спогодба) или да седне на маса и да започне со нови преговори за идентитетот базирани врз (претходно раскинатиот) Преспански договор. Доколку Македонија цврсто застане на позицијата дека нема намера повторно да го склучи раскинатиот акт (што е суверена одлука на секоја држава или, пак, да преговара за новото име), маневарскиот простор на СБ на ООН е многу мал и објективно екстремно лимитиран – објаснува Јанев.
Тој токму затоа ги искористи примерот со Палестина и нејзината постапка како да се заобиколи Советот за безбедност и членските права да се остварат преку Генералното собрание на ООН.
– Македонија може да оди напред и да го постави прашањето во Генералното собрание на ООН (водена од фактот што проблемот не е „заклучен“ во СБ, а спогодбата од Преспа немаше порано „завршна резолуција“ во Советот за безбедност, туку како несуштинска „пријателска спогодба“ само беше регистрирана во регистарот на ООН). Со други зборови, доколку нема обврзувачка резолуција на СБ на ООН (пример има само „претседателското соопштение“ или препорака), тогаш последниот збор околу државното име на оваа држава го има Генералното собрание на ООН (во кое државите немаат право на вето). За продолжување на членството на оваа држава во ООН под Република Македонија, како несуштествено прашање, се гласа со просто мнозинство од присутните што гласаат. Едноставно кажано, просто мнозинство од присутните во салата на Генералното собрание (во кое членуваат 193 држави членки на ООН). Ако, на пример, во салата на Генералното собрание на ООН се присутни и гласаат 120 држави, за позитивен исход ќе ни требаат 61 глас. Ова е многу лесно да се постигне со стручни луѓе. Доколку, на пример, не успее ваквата акција оваа година, на ова Генерално собрание на ООН, може повторно да се поведе акција следната (а потоа и ако треба и следната), сè додека не се изгласа одлуката оваа држава да членува во ОН како „Република Македонија“ – заклучува Јанев.