На прв поглед е јасно дека семејството е длабоко дисфункционално и оти поминува низ сериозна криза. Нивните проблеми сѐ почесто излегуваат на виделина, несогласувањата стануваат сѐ погласни и не можат да се скријат. Разединетите членови веќе не се ни обидуваат да глумат заедништво пред љубопитните соседи, дури и кога ќе прошетаат надвор од дома. Вака можат да се опишат моментната состојба во Европската Унија и односите помеѓу 27-те членки, имајќи ги предвид нивните поделби за повеќе клучни прашања забележани неделава
Како може да функционира едно многубројно семејство чии членови се поделени за речиси сите прашања што суштински ја засегаат неговата добросостојба, а веројатно и егзистенција. Каде што помладите им се противат на постарите, а поголемите не ги слушаат помалите, без разлика за што и да се разговара.
На прв поглед е јасно дека семејството е длабоко дисфункционално и оти поминува низ сериозна криза. Нивните проблеми сѐ почесто излегуваат на виделина, несогласувањата стануваат сѐ погласни и не можат да се скријат. Разединетите членови веќе не се ни обидуваат да глумат заедништво пред љубопитните соседи, дури и кога ќе прошетаат надвор од дома. Вака можат да се опишат моментната состојба во Европската Унија и односите помеѓу 27-те членки, имајќи ги предвид нивните поделби за повеќе клучни прашања забележани неделава.
Единството на Унијата и опстанокот на шенген-зоната се ставени на сериозен тест со одлуката на Германија за зајакнување на контролите на нејзините копнени граници, за која се смета дека му нанесува тежок удар на слободното движење низ Европа. Ваквиот потег на Германија веднаш наиде на остра реакција од соседните Австрија и Полска, од каде што стигна и апел за преземање заеднички одговор од ЕУ во однос на претстојните промени на германскиот граничен режим. Набргу потоа беше изразено противење од Шпанија и Германија за предложените трговски мерки на ЕУ насочени кон електричните возила од кинеско производство, а негодување изрази и Шведска. Па станува извесно дека Брисел ќе треба да ги преиспита своите предложени мерки поради внатрешниот судир на ставови во Унијата.
Се забележува раздор и за чувствителното прашање дали да ѝ се дозволи на Украина да ги користи ракетите со долг дострел што ги доби од Западот за напади на руска територија. Тука, на спротивни страни влече француско-германскиот „мотор“ на ЕУ, бидејќи Франција изразува одобрување, а Германија се противи на ваквата можност, според последните информации во западните медиуми. Згора, поранешниот италијански премиер Марио Драги изнесе предлог за реформирање на ЕУ, нагласувајќи дека станува збор за егзистенцијален предизвик, но колку и да се почитува мислењето на врвниот економист и искусен политичар, тоа наиде на одбивање од Германија само неколку часа по објавувањето. Извесни несогласувања има и околу именувањето на новиот состав на Европската комисија, што веќе беше одложено поради борбата на претседателката Урсула фон дер Лајен за постигнување на нејзината цел за родово балансирана институција.
Секој ден доаѓа до нови поделби што го подриваат единството во европското семејство. А се чини дека ЕУ се согласува само околу едно прашање, за тврдиот став за проширувањето, наспроти постојаното повторување дека европскиот блок е отворен за прием на нови членки, додека балканските држави со децении седат во европската чекалница. Гледајќи го отстрана раздорот во ЕУ кон која тежнееме, сѐ појасно е дека ние самите треба да се насочиме кон постигнување единство дома. Тоа го побара и премиерот Христијан Мицкоски, преку осмиот од неговите десет принципи за заедништво и сплотеност
Секој ден доаѓа до нови поделби што го подриваат единството во европското семејство. А се чини дека ЕУ се согласува само околу едно прашање, за тврдиот став за проширувањето, наспроти постојаното повторување дека европскиот блок е отворен за прием на нови членки, додека балканските држави со децении седат во европската чекалница, без суштински напредок во евроинтеграциите и изморени од ветувањата за прием. Гледајќи го отстрана раздорот во ЕУ кон која тежнееме, сѐ појасно е дека ние самите треба да се насочиме кон постигнување единство дома.
Тоа го побара и премиерот Христијан Мицкоски, преку осмиот од неговите десет принципи за заедништво и сплотеност, истовремено истакнувајќи ја намерата за исполнување на стратегиската цел за влез во Европската Унија. Тој јасно порача: „За државните прашања и за темите од заеднички интерес мораме да покажеме единство. Да не се делиме за крупните прашања, да не го пропуштаме времето на кавги, за сметка на напредок. Внатре, дома, ќе дебатираме за сите прашања, но надвор мораме да бидеме единствени. Тоа мора да биде нашата сила“. Оваа порака би било корисно да ја слушнат и во Брисел, па можеби малку би ги ублажиле меѓусебните тензии.
Македонија со силно внатрешно единство треба да преземе решителни чекори за воспоставување напредно општество преку реформи на сите полиња. Како таква, можеби ќе дочека да влезе во ЕУ и да биде пример таму, па и да внесе единство во поделениот европски блок.