Знаете што е гадно чувство? Ѝ кажав на другарка ми дека типот во кој се затрескала е кретен, дека сосема ќе ѝ го упропасти времето што целосно му го посветува. Другарка ми тогаш гневно ми се врекна со муабетот, љубоморен си, од каде сега го извади ова, да не имаш женска интуиција? Пробав да ѝ објаснам дека имам поетска интуиција, а таа е посилна од женската, дека таа поетска интуиција е толку силна што на неа и жени паѓаат, уф, којзнае како им оди со интуициите на поетесите, додадов, ама другарката ми фрла в лице дека сакам да ѝ ја упропастам радоста, зашто сум еден намќор што на луѓето почна да гледа само преку нишанот на цинизмот и, секако, си замина лута.
Сто седумдесет и шест дена подоцна се врати во мојата намќорска зона на битисување, гневна и расплакана, со муабет, идиоте, каков си ти пријател, кај си да ми отвориш очи кога сум заслепена од чувства, да ми кажеш дека типот е себичен и лицемерен кретен, зошто сме пријатели, а? Е тоа е гадно чувство, по кое ја прегрнав и тргнав во вербален поход да ѝ ја вратам насмевката.
Всушност, ова е симпатично гадно чувство, ако може да постои нешто такво. Додуша, неа воопшто не ѝ беше симпатично, изгуби 176 дена верувајќи во сопствената заблуда, ама сите понекогаш промашуваме. Вистински гадно чувство е кога ќе се обидеш да им објасниш на некои луѓе дека страшно ја промашуваат насоката по која пошле, дека хистеричната омраза во која западнале еден ден ќе направи одвратна штета, оти заслепени, од дрвото не ја гледаат шумата и на крајот, нивното дејствување ќе доведе до промена на името на татковината и укинување на македонскиот идентитет. Тие веднаш почнуваат да го бараат дрвото од кое не ја гледаат шумата за да го откорнат и со него да ти ја скршат главата. Не е ова гадното чувство. Вистински гадно чувство е кога тие луѓе, по речиси десет години, ќе ти се врекнат со хистеричен муабет дека сум се помирил со идентитетскиот геноцид што ни се случи (за кој, чудно, тие немаат никаква одговорност), само затоа што сум западнал во комформизам, оти сум глуп и небањат вмроон.
„Вистина ви велам: ниеден пророк не е омилен во својата татковина“, вели Господ Исус Христос, Словото Божјо. Не кострешете се, не сум јас никаков пророк, само знам да употребам вистински зборови на незгодно место за да испровоцирам. Добро, имам и поетска интуиција, ама како стареам, станувам сѐ поголем намќор, посебно кон интелектуалната бижутерија во која гледам низ нишанот на цинизмот. Добивам и чувство дека се претворам во мизантроп, но тоа се само мигови кога некој ми планинари по незаинтересираноста, иако, полека почнувам да го разбирам оној спореден лик од „Браќа Карамазови“ на Достоевски, кој вели дека ги сака сите луѓе, ама еден по еден, не ги поднесува.
Вистината е дека јас сум еден глуп и небањат вмроон. Таков бев и за време на шарената револуција, сите оние силни пленуми и граѓанство луѓенца меѓу кои шетаа западни амбасадори ширејќи ги својата загриженост и грантови од некои отворени општества, поради исчезнувањето на демократијата под режимска окупација. И не само што бев глуп и небањат вмроон, туку како режимски мегафон искеширав 100, 300, 700.000 евра, зависно од моменталниот и ментален курс на прогресивната хистерија. Битно срушија режим со пенкало, иако има злобници што велат дека така Бејли нагалено си го нарекува „соработникот“, а промената на името, која ќе доведе до активирање на бугарскиот наци-шовинизам, беше само во мојата небањата глава. Она што е најинтересно е фактот дека се случи токму тоа што мојата вмронска глава го измислува. И кој е виновен? Нормално, јас, а кој друг? Зошто? Па, затоа што сум се помирил со она што го зборував дека ќе биде и наместо да се борам против она што тврдев дека ќе се случи, јас продолжувам да си бидам глуп и небањат вмроон.
Океј, ваквите како мене, понекогаш имаат и глупи небањати прашања, а не само „пророштва“. Едно од тие прашања гласи, а зошто токму сега во септември, а не во април, по 23 години, некому му текна да ја реновира црквичката во Гостиварско? Аман, не запаѓајте во фејсбук-патриотска хистерија, не мислам на времето сега, затоа што ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт. Мислам на времето сега затоа што е септември, започнаа сериозни дождови, кои комплицираат градежни активности, додека април, мај, пролет е, беше совршено за реновирање.
Второто прашање, всушност дилема, поврзано со случајот околу црквичката, (сите знаеме што се случи, да не си арчам редови од колумната), гласи: дали оркестрираните напади кон министерот Тошковски дека се изживува врз македонски патриоти и верници имаа диригент или одеднаш, сите секуларисти и атеисти кренаа глас, оти станаа вистински христијани загрижени за црквата, која можеше и во април да се реновира? Баш сум гаден, знам. Не е битно, јас би сакал да е она второто, оти да се разбереме, не само црквичката во Галате, мора да се реновираат сите запустени цркви низ Македонија, а ги има подоста, ама и секоја населба да добие црква со манастирски ред од типот, секое утро служба, која, секако, ќе оди на разглас, затоа што тоа е најубавата музика на светот, за разлика од секуларизмот, кој, „pardon my French“, честопати само „свира ку.цу“. Фак, сега ќе се возбудат секуларистите, кои на почетокот од пасусов се возбудија од спречувањето да се реновира црква.
Уште една дилема во прашална форма. Дали реакцијата околу црквата беше затоа што конечно загубените овци се вратија кај Пастирот или поради она што следуваше потоа? А некои медиуми зборуваат за полициска акција против струмичка криминална империја поврзана со кланот Заеви? Само прашувам, оти по акцијава настана најгласната тишина што сум ја чул. Не знам, јас сум глуп и небањат, ама досадниов цинизам, напна да поставам уште едно прашање, па еве го! Ќе следуваат ли коментари од типот, дали министерот Тошковски ја спроведе акцијата против фирми блиски на Заеви за да ги покрие срамот и злосторот околу гостиварската црква? Како и да е, мојата поетска, а не пророчка интуиција, ми вели дека вакви „прогресивни методи“ допрва ќе следуваат во далеку пожестока форма додека власта не стане режим, а западните амбасадори одново се загрижат и тргнат во акција на собирање, цитирам, шуто и рогато, за рушење диктатура со пенкало.
Уф, знам дека гадно ве изнервирав, ама разберете, глуп и небањат вмроон не може да стане умен, убав и прогресивен. Слободно истурете го својот гнев и простете што нема да обрнам внимание. Другарка ми се јави да ми каже дека повторно се заљубила, но овој пат е вистинскиот, ама јас го знам кретенот, веројатно ќе ѝ го скрши срцето по 234 дена манипулирање, па ќе мора да ѝ отворам очи. Тоа е, љубоморен сум.