Визуелната уметница Пандора Апостолоска Саздовска и скулпторот Сашо Саздовски ќе имаат самостојна изложба во Амбасадата на Македонија во Париз, Франција, која ќе биде отворена денеска.
Апостолоска Саздовска ќе се претстави со проектот „Дијалог“, во кој врши истражување во сликарството паралелно со цртежот, а скулпторот Сашо Саздовски со проектот „Движење“, во кој ќе ги презентира актуелните истражувања во скулптурата. Двајцата автори ги создадоа своите дела за време на двомесечниот престој во Париз, Франција. Изложбата ќе ја отвори амбасадорот на Македонија во Париз, Рефет Хајдари.
Пандора е визуелна уметница, активистка и истражувачка. Во 2004 година дипломира на Академијата за ликовни уметности во Скопје, Македонија. Уметничката практика на Пандора Апостолоска Саздовска е насочена кон меѓучовечките односи, истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Во нејзината богата творечка кариера има реализирано изложби во музеи, галерии центри за современа уметност, вклучувајќи ги Музејот за современата уметност во Македонија, Националниот музеј во Индија, Музејот на Марк Ротко во Летонија, Националниот музеј во Кина, Центарот за современа уметност во Абу Даби, фондацијата „Хејдар Алиев“ во Азербејџан, Универзитетот за уметност и дизајн во Аман, Јордан, и Универзитетот во Шаржа, ОАЕ, уметничко биенале во Малезија, 19. Азиско биенале во Бангладеш, 58. Биенале за архитектура во Венеција…
Сашо е скулптор и истражувач. Во 2000 година дипломирал на Академијата за ликовни уметности, а во 2002 година магистрира на Катедрата за скулптура на Академијата за ликовни уметности во Скопје, Македонија. Уметничката практика на Сашо Саздовски е научноистражувачка. Во своите истражувања тој е фокусиран на прашањата за бесконечноста како одраз на нашето ограничено постоење во времето и просторот. Тој, заедно со Пандора, досега има изложувано во повеќе музеи и галерии за современа уметност.