ФУДБАЛ
Меѓу другите, достапни се Тухел, Саутгејт, Лампард, Потер, Моес, Чави, Зидан, Клоп, Алегри, Лев, Пиоли, Консеисао…
Новата фудбалска сезона почна одамна, и додека за некои клубови сѐ е розово, други имаа многу понеповолен почеток, по што навивачите, можеби и претседателите, веќе ќе фрлаат погледи на пазарот на достапни тренери, а во моментов овој фонд на таленти се чини дека е импресивно длабок, пишува „Би-би-си“. Во продолжение издвојуваме некои од големите имиња што не се ангажирани и ја чекаат нивната следна голема задача.
Томас Тухел, 51-годишниот Германец, помина нешто повеќе од 18 месеци во Премиер-лигата и додека неговиот мандат во Челси беше краток, тој беше преполн со трофеи. Тухел ги освои Лигата на шампионите, Суперкупот на Европа и Светското клупско првенство во неговите први месеци, а сините стигнаа и до финалињата на ФА-купот и на Лига-купот во следната сезона. Понатамошната работа со Баерн не одеше според планот, но Тухел останува човекот што го одведе Пари сен Жермен најблиску до трофеј во Лигата на шампионите, стигна до финалето во 2020 година и неговото резиме е многу импресивно, пишува „Би-би-си“.
По осум години како селектор на репрезентацијата на Англија, носејќи ја репрезентацијата до две финалиња на европските првенства, Герет Саутгејт повторно е на пазарот. Единственото искуство на 54-годишниот тренер во клуб беше тригодишниот престој во Мидлсброу од 2006 година, но, по неговите достигнувања со Англија, сигурно нема да помине долго време пред да се врати во игра, пишува „Би-би-си“.
Претходникот на Тухел на стадионот „Стемфорд бриџ“, легендата на Челси, Френк Лампард, доби признание за работата што ја заврши во тешките 18 месеци за клубот помеѓу 2019 и 2021 година. Ограничен со забраната за трансфери, поранешниот англиски фудбалер за врска го водеше Челси до пласман меѓу најдобрите четири тима во англиската Премиер-лига, како и до финалето во ФА-купот, им помогна на младите фудбалери, како Рис Џејмс, да процветаат и веројатно ја постави платформата за успехот на Тухел, пишува „Би-би-си“. Откако претходно го однесе Дерби до финалето на плејофот на дивизијата Чемпионшип, неговите акции беа високи по неговото напуштање на сините, но по една година во Евертон и заборавеното привремено враќање на Челси, Лампард е надвор од раководството со тим од мај 2023 година.
Кога замина од Челси во април 2023 година, малкумина очекуваа дека Греам Потер долго ќе остане без работа. Краткиот престој на Потер на „Стемфорд бриџ“ не успеа во услови на огромен ремонт на тимот, но тој претходно доби широкораспространето признание за неговата работа во Брајтон, откако првично ги усоврши своите менаџерски вештини со шведскиот клуб Остерсунд и со Свонси. Потер (49) за три години го претвори Брајтон во почитувана сила во Премиер-лигата и останува силно поврзан со секоја високопрофилна работа што ќе стане достапна, вклучувајќи го и местото во репрезентацијата на Англија, пишува „Би-би-си“.
Дејвид Моес до неодамна имаше плодна работа во Лондон, а 61-годишниот Шкотланѓанец е слободен играч по четири и пол години во Вест хем, каде што не само што обезбеди редовен европски фудбал туку ги водеше „чеканите“ до полуфинале на Лига Европа и титулата во Конференциската лига. Со оглед на успесите што претходно ги постигна во Престон и во Евертон во неговата менаџерска кариера, Моес сигурно ќе има понуди во одреден момент во блиска иднина, пишува „Би-би-си“.
По две и пол години, Чави замина од Барселона (една титула во Ла лига), а 44-годишниот тренер го задржа фудбалскиот гигант во врвот на повеќето фудбалски табели за време на престојот во шпанскиот клуб. Зинедин Зидан е надвор од менаџментот откако го напушти Реал Мадрид во 2021 година. Французинот не е тестиран како тренер надвор од шпанската престолнина, но неговиот рекорд таму беше неверојатен, пишува „Би-би-си“. Тој го предводеше Реал до три последователни титули во Лигата на шампионите, прв хет-трик на еден тренер, во неговиот прв мандат, и освои титула во Ла лига во вториот. Поранешниот тренер на Ливерпул, Јирген Клоп (57), изјави дека сака најмалку една година пауза и дека никогаш нема да раководи со друг клуб од Премиер-лигата. Тој ги освои практично сите големи клупски трофеи за време на неговите девет години на „Енфилд“, а сигурно ќе ги натера европските гиганти да формираат редица кога тој ќе одлучи дека е вистинското време да се врати, пишува „Би-би-си“. Достапни се и повеќекратниот победник во Серија А, Масимилијано Алегри, кој чека нов предизвик по една деценија, во два периода, во Јувентус, Јоаким Лев, кој пред три години ја заврши 15-годишната работа како селектор на Германија, која на репрезентацијата ѝ донесе триумф на Светското првенство во 2014 година, Стефано Пиоли, кој ги водеше Милан и Интер помеѓу низата врвни италијански тимови, долгогодишниот тренер на Порто, Серхио Консеисао, кој летово стави крај на седумгодишниот мандат…, пишува „Би-би-си“. Н.М.