Тим експерти од Универзитетот за технологија во Сингапур создадоа материјал што се користи за покривање на стаклото на прозорците за заштеда на енергија. Кога стаклото е обложено со овој материјал, тој реагира на температурата во околината, па различно се однесува во лето и во зима. Облогата се состои од ванадиум диоксид и полиметил метакрилат, што ја подобрува изолациската способност на прозорецот, а не содржи електронски компоненти.
Овој ефикасен прозорец, кој автоматски ја задржува топлината во зима и ја ослободува во лето, може да биде рентабилен и широко применлив начин за заштеда на енергија. Тоа е исто така значајно бидејќи прозорците се најчувствителниот дел од секоја зграда, па преку нив се губи дури 60 отсто од енергијата. Во лето прозорците се загреваат однадвор, па топлинската енергија ја пренесуваат во внатрешноста на објектот. Кога надвор е ладно, тие се загреваат одвнатре и ослободуваат топлина во надворешната средина. Овој процес се нарекува радијативно ладење, што значи дека прозорците не се ефективни за загревање или ладење на зградите, во зависност од сезоната.
Научникот Лонг Ји од Универзитетот за технологија во Сингапур, заедно со група меѓународни експерти, разви специјален модел на прозорец, кој го вклучува или исклучува ефектот на радијативното ладење во зависност од неговата температура.
Истражувачкиот тим го обложил стаклото од едната страна со тенок слој ванадиум диоксид, соединение што се менува од изолатор во проводник на околу 68 степени. Кога надворешната температура е пониска од таа, прозорецот го блокира инфрацрвеното зрачење, па топлината се задржува внатре. Кога е повисока, прозорецот ја испушта топлината и ја рефлектира надвор.
Креаторите тврдат дека овие прозорци би можеле да се инсталираат насекаде низ светот и да „работат“ во текот на целата година. Со тоа би се намалила потрошувачката на електрична енергија, но и емисијата на штетни гасови. Неопходно е да се направат некои дополнителни подобрувања за производството да биде профитабилно – издржливоста и ефикасноста во блокирањето на инфрацрвеното зрачење се приоритети во следните чекори.