Тркалезна маса во Скопје за справување со отпадот и усогласување со политиките на ЕУ
Проблемот со отпадот, кој опфаќа пакување и справување со рециклирање или конкретна преработка, наспроти количествата, кои сѐ уште се предмет на одлагање – фрлање на депониите во Македонија, претставува тема на втората тркалезна маса насловена „Креирање нова 100 отсто еколошко-економска вредност од вкупниот (дел) композитен отпад во РС Македонија“, која ќе се одржи денеска во хотел „Континентал“ во Скопје (од 11 часот).
На настанот ќе бидат презентирани искуства, податоци и конкретни предлози што би биле од корист за остварување на националните цели за намалување на огромните количества отпад до ниво со кое ќе може земјава да се усогласи со политиката на ЕУ за управување со отпад, која пак дава можност да се вгради одржливо однесување во производството и потрошувачката во економијата, како и да се постигне подобро разбирање на отпадот како извор на загадување од една страна, но и како вреден материјален и енергетско економски ресурс од друга.
Целта на тркалезната маса е да понуди конкретно решение за собирање, селекција и преработка речиси на целиот композитен отпад што во моментов не е предмет на економски исплатлив процес во нашето општество, па и пошироко.
На самиот настан експертот од Србија Љубо Сретеновиќ ќе демонстрира изработка на краен 100 отсто еколошки производ од непосакуваниот композитен отпад, кој во овој момент е огромен проблем за сите нас во општеството. А предвидени се обраќања и од заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска, како и од м-р Ана Каранфилова Мазневска, раководителка на Секторот за управување со отпад.
Настанот е во организација на граѓанската асоцијација „4х4х4 балкански мостови“, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање. Е.Р.