Фото: „Нова Македонија“

Во првиот меч влегуваме како фаворити, но, сепак, ова се големи натпревари, во кои победникот никогаш не се знае. Треба да го даваме максимумот на секој меч и сметам дека ќе биде така, вели средниот репрезентативен бек на Македонија, Филип Савовски

Македонската машка одбојкарска репрезентација, предводена од селекторот Хари Наковски, по изминатите засилени подготовки, денеска во Тбилиси (14 часот) ќе ги одмери силите против домашната селекција на Грузија во првото коло во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година, кое ќе се одржи во Финска, Италија, Романија и Бугарија. Контролните натпревари и серијата тренинзи во Маврово, Скопје и во Струмица, сепак добро ѝ дојдоа на македонската селекција во темпирањето на посакуваната форма. Македонските одбојкари се оптимистички расположени пред денешниот дуел со Грузија.
– Во овој циклус на квалификации за ЕП 2026, денеска на гости го играме првиот натпревар против Грузија. Имавме многу тежок циклус на подготовки, исполнет со многу тренинзи и пријателски натпревари. Сметам дека формата ни е на коректно ниво и сите сме подготвени за она што нѐ очекува. Според мене, во првиот меч влегуваме како фаворити, но, сепак, ова се големи натпревари, во кои победникот никогаш не се знае. Треба да го даваме максимумот на секој дуел и сметам дека ќе биде така. Потоа следува дуелот со Грција, во кој и двете селекции сме рамноправни. Секако, се надевам на две стартни победи, а на крајот од квалификациите пласман на ЕП 2026 – оптимист е средниот бек на македонската репрезентација Филип Савовски.
Црвено-жолтите се во групата Ф и, по денешниот натпревар, следниот ќе го играат на 25 август дома со Грција, додека на 29 август меѓу себе ќе играат Грција и Грузија. По овие средби квалификациите за ЕП продолжуваат во август следната година. Македонија игра за пласман на четвртото ЕП во низа, по настапите во 2019 година (17-то место), 2021-та (23-то место) и во 2023 година (16-то место). На ЕП 2026 ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и петте најдобри меѓу второпласираните. Од претходно, директен пласман обезбедија четирите домаќини на првенството, како и Полска, Словенија, Франција, Холандија, Србија, Украина, Германија и Португалија според пласманот на ЕП 2023. Г.И.


Пауновиќ: Да бидеме поблиску до поквалитетните

Женската одбојкарска репрезентација на Македонија, пак, на чело со селекторот Стефан Пауновиќ, исто така месецов ќе игра два квалификациски меча за пласман на ЕП 2026 во Азербејџан, Чешка, Шведска и Турција. Македонските девојки против Австрија ќе играат вечерва во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје (20.15 часот), а со Грција на 28 август. Квалификациите потоа продолжуваат во август 2015 година. Ова е голем предизвик за Македонките, оти првпат по деценија и половина ќе настапат во европски квалификации, и претставува можност да се утврди нивниот квалитет.
– Минатата година во Европската сребрена лига игравме против Австрија. Добро ја познаваме, таа е многу силна репрезентација. Што се однесува до нас, секоја година чекор по чекор се обидуваме да бидеме поблиску до поквалитетните селекции. Тоа е она што е најважна работа за нас. Има огромна разлика во однос на минатата година, постои напредок, се трудиме од година на година во тој играчки прогрес да бидеме што поблиску до поквалитетните репрезентации – вели Стефан Пауновиќ, селекторот на македонската женска репрезентација.
На ЕП 2026 ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и петте најдобри меѓу второпласираните. Обезбеден пласман имаат домаќините на ова ЕП, како и Србија, Холандија, Италија, Полска, Франција, Бугарија, Украина и Словачка, според пласманот на ЕП во 2023 година. Г.И.