ФИДЕ го избра Нов Зеланд да ја претставува Океанија во глобалната штафета на олимпискиот факел

ШАХ

Продолжувајќи го своето глобално патување, кое опфаќа пет континенти, штафетата на факелот „ФИДЕ100“, во знак на сеќавање на еден век постоење на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), помина неколку илјади милји и слета во Нов Зеланд. Земјата доби посебна улога пред Шаховската олимпијада (ШО), која ќе се одржи во Унгарија следниот месец. Годинашната 45-та ШО слави сто години од формирањето на управното тело за шаховски натпреварувања. За да го одбележи овој значаен настан, ФИДЕ го избра Нов Зеланд да ја претставува Океанија во глобалната штафета на олимпискиот факел.
Специјалната церемонија на Шаховската федерација на Нов Зеланд се одржа неодамна во Оукленд. На церемонијата, на која учествуваа неколку високи шаховски претставници, вклучувајќи ги и заменик-претседателот на ФИДЕ, индискиот ВМ Вишванатан Ананд, заменик-претседателот на УО на ФИДЕ, Дана Реизние-Озола, и претседателот на Шаховска федерација на Нов Зеланд, Најџел Метге, кулминацијата се случи со палењето шаховски пламен во специјален сад, што, пак, ја симболизира трајноста на шахот во Океанија.
– Ова е многу возбудлив настан за новозеландскиот шах и ретка можност Нов Зеланд да го посети заменик-претседателот на ФИДЕ, а исто така и поранешен петкратен светски првак Вишванатан Ананд, кој е многу популарна спортска фигура во Индија – рече меѓу другото потпретседателот на Шаховската федерација на Нов Зеланд, Пол Шпилер. Г.И.