Разрешени се директорите на јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Дрисла“, Мартин Ангеловски и Александар Кузинаков. Град Скопје до крајот на оваа недела почнува со спроведување вонредна ревизија во работењето на сите јавни претпријатија под негова надлежност, објавија попладнево градските власти на официјалната страна на Фејсбук.
– Поради неправилности при работењето и непочитувањето на договорот за вработување од функцијата директор на ЈП „Паркови и зеленило“ е разрешен Мартин Ангеловски. Справувањето со корупцијата и самоволието во градот Скопје беше и едно од главните предизборни ветување на градоначалничката Данела Арсовска. Никој не смее да си поигрува со народните пари, а уште помалку со довербата на граѓаните на градот Скопје. Во ЈП „Паркови и зеленило“ е најавена и вонредна ревизија од град Скопје која треба да започне до крајот на оваа недела – се вели во објавата.
Од Град Скопје наведуваат дека исто така поради неправилности при работењето и непочитувањето на договорот за вработување денеска од функцијата директор на ЈП „Дрисла“ е разрешен Александар Кузинаков.
– За неговото работење до градот Скопје пристигнати се бројни пријави со индиции за злоупотреба и пречекорување на овластувањата за што градот Скопје веќе најави ад хок ревизија. Справувањето со корупцијата и самоволието во градот Скопје беше и едно од главните предизборни ветување на градоначалничката Данела Арсовска. Никој не смее да си поигрува со народните пари, а уште помалку со довербата на граѓаните на градот Скопје. Во ЈП Дрисла е најавена и вонредна ревизија од град Скопје која треба да започне до крајот на оваа недела – стои во објавата на Фејсбук.
Градските власти соопштија дека резултатите од спроведената ревизија ќе бидат објавени јавно, а доколку бидат констатирани и неправилности при работењето на раководните лица во претпријатијата, за нив ќе бидат известени и соодветните надлежни институции.