Секогаш сум се прашувал каков модел на мултикултурализам градиме во Македонија кога никој не го посакува како урнек по кој треба да го уредат политичкиот систем во своите држави. Со години се обидувам да најдам логика во фалбите на Охридскиот договор како модел на уредување на мнозинско-малцинските односи и градење инклузивна држава, кога истиот тој беше отфрлен како универзален пристап во решавање на малцинските прашања во држави со сериозни проблеми по ова прашање во меѓународните форуми. А не дека не беше нуден, но одговорот секогаш беше ист: тој договор е дизајниран само за вас. Неприменлив бил за другите. И во моментот сфаќаш дека си експеримент-држава во која се пробуваат модели на мултикултурализам и инклузивност што можат, но не мора да успеат. Тоа што како резултат на вакви решенија добивме хермафродит мултиетничко општество станува наш проблем. Оние што нѐ советуваа секогаш ќе понудат нов модел. И така во круг. Ист е случајот и со Бадинтеровото мнозинство, кое нема да го најдете во политичко правната академска литература, ама ќе го најдете како модел на балансирање на мнозинско-малцинските односи во Македонија и начин да се амортизира принципот на владеење на мнозинството. Гледаме како и колку успеа да го избалансира македонското мултиетничко општество. Искрено не верував дека може да се конституира правосудство по Бадинтерово мнозинство, дипломатија, здравство, култура и што уште не во државава. Мислев дека државната структура треба да функционира на принципот на меритократијата, односно врз основа на интелигенција, способност и образование на оние што се во системот на управување или администрацијата. Ама не било така. Очигледно погрешно сум мислел. Или сум читал од „застарени“ книги. Оние другите не можам да ги најдам. Не дека не сум се обидувал. Можеби затоа денес и науката некој сака да ја уреди по Бадинтер. Само се прашувам кога количеството воздух што го дишеме во ваква држава ќе биде уредена по Бадинтер. Еднаш овде запишав дека станавме држава – полигон на глупоста. Мислам дека имаме уште простор за унапредување.
Македонија стана елдорадо држава за секакви „белосветски мешетари“ што нудат услуги за нејзино прекројување и преуредување по модели што се покажаа како целосно фијаско. Којзнае. Може да функционира кај нас. Како може да знаеме ако не пробаме. Ако не функционира ќе ја изгубиме државата. Мислите дека се загрижија за тоа? Какви „експерти“ таква држава добивме досега.
А и од сега натаму. Сигурно не очекувате од нив да ви кажат дека во моментов во светот има зголемен број академски публикации што се залагаат за „мнозински права“, „мнозинска предност“, тврдејќи дека (културните) интереси на мнозинството во либерално-демократските земји биле игнорирани поради „асиметричниот мултикултурализам“. Никој кај нас нема да го истражи критички овој нов академски тренд. Затоа што нашите научници патат од чувство на пониска вредност од „латиничните“ експерти од странство. Ако некој за момент помисли дека можете во држава положена на Бадинтеровата догма и некаковси фантомски „балансер“ критички да расправате за современите тенденции во либералниот свет што се залагаат за пообемни мнозински права во теориите за либерална правда, се лажете. Или да водите полемика дека повеќето од овие публикации ги засноваат своите аргументи, експлицитно или имплицитно, на идеите за асиметричен мултикултурализам, што наметнува дека (културните) интереси и правата на мнозинството до денес биле занемарени. Како и за можноста дека поборниците на суперразличноста и мултикултурализмот можеби (ненамерно) овозможиле алармантна одбрана на мнозинските права.
Очигледно дека во последните децении, академската заедница еднострано се занимава со позициите, потребите и правата на малцинствата и дека резултатот од тоа е што нашето нормативно и политичкото размислување отиде предалеку во една насока. Затоа, и идејата зад ваквите публикации е да се најде нова рамнотежа и да се посвети поголемо академско внимание на интересите и чувствителноста на мнозинството, на пример, во однос на загриженоста за ерозијата на нивната култура и идентитет. Секако не на штета и без грижа за малцинската популација во државата. Затоа, теориите за мнозинските права се претставуваат како најсовремени и разумни форми на политички либерализам. Или поточно: велат тие ги дополнуваат и ги зајакнуваат нашите сегашни теории за либерална правда и ветуваат дека подобро ќе ги смират револтираните мнозинства ширум светот кои сакаат да ги заштитат нивните културни начини на живот и сè повеќе гласаат за (нелибералните) радикално-десничарски популистички партии. Дали е тоа така? Останува дилемата дали со денешните повикувања на поголемо внимание на мнозинските права ќе се модифицираат теориите за либерална правда на начини што би ги загрозиле либерално-демократските вредности? Е за тоа треба да расправаме. А не да прифаќаме готови и наметнати научно сомнителни модели на муликултурализам и меѓуетнички односи во држава. Само се прашувам со кого може да дебатирате? Зашто тоа не го правиме во Македонија. Ние следиме и се полтронизираме. Како во политиката, така и во науката. Како досега, така и од сега. Зашто очигледно подобро не знаеме и не можеме.
Проф. Звонимир Јанкулоски