И денес како библиотекарка на многуте работилници и промоции на книги за деца постојано им укажувам за придобивките од читањето книги, затоа што
им отвораат нови светови, ги носат во нови доживувања и познанства со нови другарчиња, а во исто време учат, се воспитуваат и градат во позитивни
морални личности, вели Соња Манева
ВРЕМЕПЛОВ – КОИ СЕ ОМИЛЕНИТЕ КНИГИ ЗА ДЕЦА НА МАКЕДОНСКИТЕ БИБЛИОТЕКАРИ (3)
Буквите, зборовите, речениците, песните, расказите, книгите имаат чудесна моќ. Откако ќе бидат прочитани и доживеани со срцето, умеат длабоко да се втиснат во нас и да остават неизбришливи траги во текот на целиот наш живот. Првопрочитаните книги се паметат како и првите наставници и првите другарчиња, како првото одење на екскурзија и првото летување без мама и тато.
Која е ваша омилена книга? Ќе се сетите ли веднаш или треба да подразмислите? Сакате да знаете која е моја омилена книга од детството? Веднаш ќе ви кажам. Од прва секогаш велам: „Прости ми канаринке“ од Видое Подгорец.
Низ годиниве во „Колибри“ правевме разни избори на педесет најчитани наслови за деца од македонски автори, потоа ги баравме омилените книги од детството на писателите за деца, па омилените книги на познатите… Но размислувајќи каква содржина да подготвам за овој број, се сетив на тие верни чувари на библиотеките и книгите – библиотекарите.
Тие се патот и патоказот кон добрите книги за децата, но и за возрасните читатели, па ред е да „чепнеме“ во нивните срца и да видиме кој книжевен наслов од детството е заклучен таму.
Сите библиотекари со кои контактиравме со радост ја прифатија оваа идеја. Како едвај да чекале да бидат прашани. Многу се израдуваа и тие, но и јас. А сега прочитајте ги нивните впечатоци и најдете ги нивните препораки за книги, кои можеби ќе ви бидат одлично друштво ова лето.
СОЊА МАНЕВА, БИБЛИОТЕКАРКА ВО НУ УНИВЕРЗИТЕТСКА БИБЛИОТЕКА „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ – ШТИП
Како дете и ученик имам прочитано многу книги, како лектири така и слободни. Но книгата „Возот в снег“ е книга што остави посебен печат во мојата меморија на која се сеќавам и ден-денес и сѐ уште ја чувам во мојата домашна библиотека. Знам дека беше книга што не можев едноставно да ја оставам и ја читав со посебен интерес.
Ја разбуди мојата фантазија и додека ја читав, за момент се соживував со ликовите и настаните и како да се наоѓав во некој филм. Бидејќи бев дете, а оваа книга претставува низа детски доживувања за деца од прво до четврто одделение и обработува едно од најубавите времиња од животот – детството, и има доста убави пораки и примери за другарството, за дружењето, за заедничко надминување на проблемите, ми остави многу силен впечаток.
И денес како библиотекарка на многуте работилници и промоции на книги за деца постојано им укажувам за придобивките од читањето книги, затоа што им отвораат нови светови, ги носат во нови доживувања и познанства со нови другарчиња, а во исто време учат, се воспитуваат и градат во позитивни морални личности.
Да, им ја препорачувам „Возот в снег“, но во одделот за детска литература има многу убави лектирски и слободни книги што можат да ги позајмат и прочитаат, како „Алиса во земјата на чудата“, безвременскиот „Малиот принц“, Пипи Долгиот Чорап“, „Шеќерна приказна“…
ЉУПКА СТОЈМЕНОВА, БИБЛИОТЕКАРКА ВО ООУ „НИКОЛА КАРЕВ“ – КОЧАНИ
Летото е време на одмори, забава и на дружења. Но летото е време кога може да се другарува и со книгата, не онаа задолжителната, лектирната, туку за читање слободна литература. Моја препорака за читање книги во летниот период се „Тајни незнајни“ од Киро Донев (и за љубителите на поезија, но и проза) топло ја препорачувам за најмалите читатели и „Децата од мобилниот телефон“ од Џоу Син – роман, кој покрај на децата, им го препорачувам и на нивните родители. Во моите топ пет книги што им ги препорачувам за читање на најмалите читатели се и книгата „Приказни од мојот крај“ од Лила Арсова, поетската книга „Заедно да растеме“ и моите омилени од детството „Приказни од илјада и една ноќ“. Мојот избор за тинејџерите се сите книги од Горјан Петревски, „Шармери од осмо“ од Велко Неделковски, „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери, „Ајдучка чешма“ од Видое Подгорец.
Се надевам дека овој мој избор ќе им се допадне на малите читатели, но мојата препорака е дека која било книга и да ја прочитаат ќе го направат вистинскиот избор, зашто преку другарувањето со книгата стануваме помудри, побогати со знаења, стекнуваме нови пријателства и дознаваме за нови светови. Од книгата можеме многу да откриеме, но знајте дека во книгата можеме и да се скриеме.
ГАБРИЕЛА КОСТАДИНОВА, БИБЛИОТЕКАРКА ВО БИБЛИОТЕКА ВО ПЕХЧЕВО
Драги читатели, на крилјата на сонцето пристигна и летото. А со распустот дојдоа и вашите игри. Но летото не е само време за одмор и уживање, туку пред сѐ и за релаксација или храна на душата со добра книга. Уште од малечка сакав да читам. Љубовта кон книгите ми ја всади мајка ми. Таа работеше во библиотека, а секојдневното доаѓање во храмот на книгата кај мене предизвикуваше интерес да ги разгледувам насловите и да ги истражувам нивните содржини.
Топло ви ја препорачувам да ја прочитате книгата „Колибата на Чичо Том“ од американската писателка Хариета Бичер Стоу, која во мое време беше лектира за шесто одделение. Книга што се чита во еден здив, чија тема е трагичната судбина на Црнците, кои биле принудени деноноќно да работат вредно и чесно, а сепак и за најмала грешка да бидат претепувани и понижувани како најголеми злосторници и продадени во секое време. Најимпресивен е ликот на Чичо Том, кој се истакнува со најсилните свои особини, трудољубивоста, чесноста и добрината, придружени со верност кон оној што го сака и почитува. Затоа одушевува неговата великодушност кога се жртвува за сите.
Ако имате можност прочитајте ја и книгата „Старецот и морето“ од американскиот писател Ернест Хемингвеј. Тој во овој роман ја истакнува борбата на човекот за опстанок во суровите и тешки услови на животот. Главниот лик е рибарот Сантјаго, кој сам во морските далечини успеал да улови голема риба. Сам изложен на жештината на сонцето и на суровоста на океанот ги собрал сите сили за да ја победи големата риба. И кога успеал да ја совлада рибата дошле ајкулите и ја изеле, а останал само костурот. Но старецот бил задоволен што во борбата со големата риба, тој победил. Со овој роман писателот сакал да ја истакне големината на човекот и да каже дека не постои сила поголема од човекот.
Не можам, а да не го споменам мојот омилен македонски автор Горјан Петревски и неколку негови дела: „Исти очи“, „Далечна љубов“, „Сама“ – книги што се читаат во еден здив и кои се наменети не само за тинејџерите туку и за возрасната популација.
Можам уште да пишувам, но сепак ќе застанам тука. Голема благодарност до редакцијата што ми даде можност и јас како библиотекарка да го дадам своето мислење за моите омилени книги.