Во текот на вчерашниот ден на територија на државата имало вкупно 66 пожари на отворено и шумски пожари. Од вкупниот број на пожари, 51 целосно се изгаснати, три се ставени под контрола, а во моментот активни се 12.
Директорот на Дирекцијата за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов преку видео изјава соопшти дека на ниво на државава, состојбата е тешка, но не е алармантна. Укажа дека депониите воопшто не треба да се потценуваат, затоа што, како што рече, токму вчера во Дојран најпрвин се запалила депонија, а потоа од депонијата можело да се случи трагедија бидејќи биле зафатени неколку блиски куќи. Информира дека пожарот во Дојран е се уште активен, но не го загрозува градот.
Апелира до граѓаните да не излегуваат со непотребни апели за собирање на луѓе за да одат да помагаат во гаснењето на пожарите.
-Како држава имаме доволно припадници на Армијата и полицијата и ако тоа некаде го побараат локалните авторитети кој командуваат со гаснењето на пожарите – градоначалниците, ние можеме да испратиме онолку војска или полиција колку што тие ќе побараат. Граѓаните не секаде можат да бидат од корист, напротив некаде можат да сметаат во работењето на професионалните служби, на пожарникарите, војската, полицијата, на „Национални шуми“, на пожарникарите доброволци или на самите летала. Граѓаните можат да бидат корисни во одбрана на населените места кога огнот загрозува некое село или како во синоќешниот случај кога постоеше мала можност огнот да дојде до градот Пехчево. Во гаснењето на пожарите, граѓаните не треба да учествуваат, освен доколку не бидат прифатени од локалните командири на територијалните противпожарни единици – рече Ангелов и апелира да не се создава непотребна паника.
Тој информира дека денеска седница одржувала Управувачкиот комитет, на која донеле одлука за да им предложат на Владата за ангажирање на НАТО механизмот за помош.
-Денеска имавме седница на Управувачкиот комитет, на која донесовме одлука да предложиме на Владата да се ангажира и т.н. НАТО механизам за помош кој во суштина ги нуди истите работи како и механизмот на Европската унија, но преку него можеме да бараме помош во пешадија односно помош во искусни пожарникари. Во овој момент таква потреба немаме, но истата може да се појави во текот на денот. Во овој момент имаме доволен број на пожарникари – рече тој.
Според Ангелов, во моментов како најсериозни се пожарите на територијата на Пехчево, Старо Нагоричане, на Општина Кратово, на Македонски брод, на Свети Николе.
ЦУК соопшти дека е обезбедена меѓународна помош со ЕУ механизмот на цивилна заштита: од Србија еден хеликоптер (Agusta Bell 212) утрово во 9:45 слетал на скопскиот аеродром; од Чешка еден хеликоптер (Black Hawk) со капацитет на ведро од 3 тона се очекува чекува да пристигне вечерва. Од Германија се обезбедени два „ер трактори“ (AT802/2), за кои ЦУК дополнително ќе известат кога би можеле да пристигнат.