Јас го разбирам светот како „меѓународна“ заедница

Има подолго време како не сум се заинтересирал што точно се случува низ светов, но и кај „меѓународната“ заедница, односно територијата за која повеќемина тука мислат дека е единствена постојна цивилизација. Многумина овде на моменти ми наликуваат на Бушманите од филмот „Боговите паднаа на теме“, кои беа убедени дека светот постои до „оној амбис таму“. Во тој филм, контактот помеѓу племето и „боговите“ започна откако од авион падна празно шише „кока-кола“, па еден избран мораше да појде до „крајот на светот“ за да го врати кај што припаѓа. Кај нас е исто, само што празното и бескорисно шише „кока-кола“ се нарекува евроинтеграции.

Си реков, сум ја брцнал главата во своите приказни, сосема изгубив интерес за она што ме опкружува, мислам, непознатиот свет и оној, познат, наречен „меѓународна“ заедница, па се убедив дека сепак треба да фрлам поглед наоколу, со акцент на прогресивниот Запад и неговите цивилизациски вредности кон кои, ние тука се стремиме. Тоа отсекогаш ми било симпатично. Фактот дека ние… се стремиме. Не знам како точно да објаснам, а да не ме разберете погрешно.

На пример, гледам документарни кадри од Њујорк, Берлин, Париз, Москва, Пекинг и забележувам луѓе кои едноставно се движат по улици, си одат по свој пат којзнае каде, додуша луѓето во Москва и Пекинг се движат некако злобно, како да се без цивилизациски вредности, ама сепак одат, тераат нога пред нога и така е низ светот, луѓето едноставно тргнуваат со намера некаде да стигнат, само кај нас гледам битија, кои не само што одат туку и се стремат. А бе, зрачат со еден стремеж, просто човек да посака да им се закачи за енергија за и самиот да почне да се стреми кај што они се стремат.

Океј, излегов накратко од своето себично креативно дувло, се наполнив со стремеж и фрлив поглед кон светот, оној цивилизираниот. Добро сега, ѕирнав малку и накај светот што не постои, кон Исток, колку што дозволуваат нивните екселенции, Агелер и Гир. И ништо посебно нема таму, право да ви кажам. Украина само што не ја добила војната што ја изгуби уште кога започна, ама додека дише и последниот Украинец, Западот ќе го вооружува, наскоро ќе почнат преговори со ЕУ и кога ќе се интегрираат тоа ќе бидат првите гробишта што влегле во шенген-зоната. Русија, изолирана и фрлена на колена, угости премиер на уште една мала и небитна држава, ѝ го заборавив името, ама се сеќавам дека Колумбо тргна да ја бара, само ја згреши трасата и пронајде континент што Европејците го исчистија од дивјаштво и го наполнија со цивилизациски вредности. Ѕирнав накај Кина, а таму, измислуваат бескорисни играчки како возови на водород и слични непотребни будалаштини. Како ние Европејците да не сме измислиле ќебиња со вируси или возови до гасни комори, ама да се фалиме ли сега?

По краткото ѕиркање накај Исток, зјапнав кон убавиот Запад. А таму, избори. Ќе почнам со Британија. Речиси по две децении лабуристите освоија власт. Последен премиер им беше големиот изумител Тони Блер, а тој и неговиот генијален колега Буш Помладиот измислија хемиско оружје во Ирак и мене тогаш скроз ми беше нејасно зошто не добија Нобелова за хемија. Блер и Буш како Марија и Пјер. Значи, ториевците одат во опозиција, иако, искрено, јас воопшто немав чувство дека се на власт. А-ха, бев убеден дека, сега веќе покојната кралица купила франшиза од она шоу, „Јас имам талент“, за да го смести во Даунинг стрит, па сите да се забавуваме. И се забавувавме. Какви само таленти видовме, а? Тереза Меј, Борис Џонсон, Лиз Трас, Моди, такво талент-шоу одамна не сме гледале, иако, новиов премиер од левицата, можеби одново ќе ни донесе нови научни достигнувања. Од кај да знаеме, може ќе донесат одлука со својот американски колега, со Русија малку да разменат нуклеарна енергија.

И Франција беше на избори. Парламентарни, во циклуси. Малку ме збунија тоа изборните кругови, ама другар ми објасни. Глуп, ми рече, тоа е вистинска демократија, одат на избори додека не соберат доволно сила за Ле Пен да биде поразена. И мене ми светна, па така е, еве едно дваесет години на избори, француската политичка елита претура од шупливо во празно со една единствена цел, Ле Пен да не дојде на власт. Не дека нешто имам симпатии спрема госпоѓава, ама што сè не собраа во тоа левиот фронт, меѓу два изборни циклуса, за да не победи страшната десничарка, чиниш Бејли и Заев правеле кастинг за нордистанска шарена револуција. Мораа и кутриот Мбапе да го вадат од тренинг пред полуфинале, па како фудбалер што ја преферира левата страна за напад, да убедува француска буржоазија да не гласа за десницата. Му зедоа на човекот фокус и концентрација и потоа Јамал така ја шутна топката што насекаде се разлетаа галски пердуви од збунети петлиња. Како и да е, овој систем, одење на изборни циклуси додека не победи политички коректниот избор, можеби треба да се воведе во цела „меѓународна“ заедница и да се нарече кулминација на демократија, оти некоректниот има право да постои, ама не и да победува.

Сега ја чекаме само уште Америка, оти во Германија секако ќе победи ЦДУ и ништо нема да се промени, бидејќи и они моќно ќе молчат околу фактот дека некој гадно им го смести со рускиот гас од „Северен тек“. А и не е баш паметно на Германец да му се дава гас во изобилие, не знаеш кога ќе му текне да прави чудни ствари со него. А бе, на сè мислат нивните американски партнери.

Значи САД, избори. Крикнаа сите прогресивни по дебатата меѓу Џо и Доналд, дека Бајден треба да се повлече од битката за претседател и некој друг демократ да го победи злото наречено Трамп. Ако дозволат нивните екселенции Агелер и Гир, јас би малку да се мешам во внатрешните работи на Америка. Па, имам демократско решение за нивниот проблем. Само треба судот да му забрани на Трамп да се кандидира, на републиканците да им се „објасни“ дека Бајден е нивниот вистински избор за кандидат, а демократите да ја номинираат Хилари Клинтон и нека победи подоб… прогресивната младост. Ако се најдат Американци што ќе мрчат дека тоа наликува на диктатура, врз нив треба да се спроведе еден веќе испробан „нордистански судски систем“ за непослушни неистомисленици, инаку финансиран од парите на американските даночни обврзници, па прогласен за корумпиран и нефункционален од самите спонзори, но систем, кој, како што дознавме сега, не треба да се менува, оти тоа е мешање во судството.