ФУДБАЛ

Себеси се нарекувам пријателски авторитет. Фудбалот е моја страст и се обидувам да ги убедам моите играчи користејќи ја моќта на идеите. Сакам да го ценам и да го подобрам секој играч… тоа е мојот стил на лидерство. Сакам да го предизвикам естаблишментот, рече Хурцелер

Фабијан Хурцелер разбира зошто има толку многу интерес, тој има само 31 година, најмладиот тренер во историјата на англиската фудбалска Премиер-лига, Германец роден во САД, кој се откажа од фудбалот во раните 20-ти години за да се занимава со тренерство и доаѓа по две импресивни години, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Јас сум млад човек, но не сум млад тренер – рече со насмевка Хурцелер, на неговото претставување како тренер на Брајтон неодамна.

Хурцелер сигурно не звучеше како дебитант додека зборуваше за сојата фудбалска филозофија, комбинација на Томас Тухел и на Јирген Клоп, и неговиот личен пристап, „мешавина помеѓу храброст и скромност“, пишува АП.
– Себеси се нарекувам пријателски авторитет. Фудбалот е моја страст и се обидувам да ги убедам моите играчи користејќи ја моќта на идеите. Сакам да го ценам и да го подобрам секој играч… тоа е мојот стил на лидерство. Сакам да го предизвикам естаблишментот – рече Хурцелер.

Роден е во Тексас, а неговото семејство се преселило во Европа кога имал две години. Како играч во академијата на Баерн, тој продолжи да игра професионално во пониските лиги во Германија, но на 21-годишна возраст сфати дека „нема да ги достигнам највисоките нивоа“. Тој беше вториот најмлад тренер во Германија кога беше назначен од Сент Паули, на возраст од 29 години и 11 месеци, во 2022 година. И пред два месеца со тимот се пласира во Бундеслигата.

Сега тој се наоѓа во Англија, во она што тој го опишува како најдобра лига во светот и во клуб, кој, исто така, се класифицира како различен од преостанатите, пишува АП. Хурцелер рече дека бил привлечен од „аналитичкиот пристап и базиран на податоци“ на Брајтон и од стандардот на играчите што веќе се во тимот. Шестмина во тимот се постари од него, вклучувајќи го и Луис Данк, сега на Европското првенство со Англија, и 38-годишниот поранешен фудбалер од средниот ред на Ливерпул, Џејмс Милнер. Се разбира, рече тој дека знае оти „мојата возраст е голема тема“.
– Немам искуство во Премиер-лигата. Но секогаш има почеток – рече тој.

Прашан за неговиот стил на игра, тој издвои двајца други германски тренери, Тухел и Клоп, како инспирација.
– Сакам да имам интензитет на теренот, тоа е мешавина од посед на топка и интензитет кога немаме посед – рече Хурцелер.

Тој вели дека редовно ги гледал натпреварите во Премиер-лигата додека бил во Германија, особено оние во кои се вклучени Брајтон, Арсенал и Манчестер сити.
– Дел од мојата работа е да ги следам различните трендови на меѓународниот фудбал. Премиер-лигата е најдобра во светот, ги има најдобрите тренери, но мора да имате своја филозофија – вели тој. Н.М.