Отфрлањето на предлогот на ГЕРБ за формирање нова влада од страна на бугарскиот парламент во вторникот ја втурнува Бугарија во политичка криза, што најверојатно ќе ја доближи најсиромашната држава во Европската Унија до нови избори, седми по ред во изминатите три години
ПРОПАДНАТ УШТЕ ЕДЕН ОБИД ЗА ФОРМИРАЊЕ ВЛАДА ВО БУГАРИЈА
Со 138 гласа против, 98 за и двајца воздржани, парламентот на Бугарија го отфрли формирањето влада предложена од централнодесничарската партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, која би го имала на чело неговиот сопартиец Росен Желјазков.
Борисов побара прошка од бугарскиот народ
Во веќе отфрлениот предлог на партијата ГЕРБ беше предложено актуелниот претседател на парламентот Желјазков да ја води новата влада, наместо партискиот лидер Борисов, кој претходно предводеше три владини состави во периодот помеѓу 2009 и 2021 година, кога неговиот кабинет поднесе оставка по масовните антикорупциски протести во земјата. ГЕРБ, која го освои првото место на изборите во јуни, има 68 пратеници од вкупно 240 места во парламентот.
– Му се извинуваме на народот, бараме прошка од бугарските граѓани, повторно ќе се појавиме пред нив на есенските избори. Се однесувам кон сите со почит. Не навредувам никого. Да се видиме по изборите, затоа што не верувам дека овој парламент ќе избере нешто. Ајде да агитираме, да побараме од луѓето прошка – рече лидерот на ГЕРБ за време на собраниската расправа.
„Јаката“ држава на ЕУ со политички систем што одамна е закочен
Сега Бугарија ќе влезе во нова фаза на изборна кампања, со предвремени избори закажани за наесен, бидејќи „политичкиот систем во Бугарија е заглавен“, како што истакна Борисов. Бугарскиот претседател Румен Радев следниот мандат за формирање влада ќе ѝ го предаде на партијата Движење за права и слободи (ДПС), која е на второ место, според освоените гласови на изборите.
– Политичката криза продолжува. За нејзино решавање не е потребно само ставање настрана на личните и на партиските интереси, туку и адекватност. Видовме дека личните напади доминираа над политичките тези, а фокусот беше повеќе на минатото отколку на сегашноста – кажа Радев откако пропадна обидот за избор на нов владин состав.
Познавачите на состојбите на политичката сцена во Бугарија сметаат дека ќе биде тешко да се формира одржлива коалиција во сегашниот парламентарен состав и дека најверојатно ќе се одржат нови предвремени избори, иако парламентот сѐ уште има мали шанси да избере редовна влада и да избегне нови предвремени избори наесен, седми во последните три и пол години. Р.С.
Раскол во најстабилниот политички проект во Бугарија
Најзвучната вест што го придружуваше парламентарното гласање беше расколот во партијата на турското малцинство во земјата, ДПС (Обнови Европа), најстабилниот политички проект во Бугарија по падот на тоталитарниот режим во 1989 година. Зад расколот стои конфликтот меѓу вршителот на должноста лидер на ДПС, Делјан Пеевски, и почесниот претседател и основач на партијата Ахмед Доган. Резултатот од расколот во партијата се виде при гласањето во парламентот, на кое ДПС беше поделена за првпат во својата историја – 30 нејзини пратеници ја поддржаа владата предложена од ГЕРБ, а 15 гласаа против.