Ангелина тукушто заврши второ одделение во ОУ „Добре Јованоски“ во Прилеп, каде што е одлична ученичка. Љубопитна е, сѐ ја интересира, а најмногу сака да спортува. Радосна е и кога му помага на татко си околу пчелите, но, сепак, нејзина најголема љубов е – виолината.
Таа паралелно со основното, заврши и втора година во музичкото училиште во класата на професорката Марија Јанчулеска, каде што учи да свири на својот омилен инструмент. Дека е талентирана потврдуваат наградите што ги освои на натпреварите на кои учествуваше во последните месеци. Таа се закити со специјална награда на натпревар во Кавадарци, а освои и награди на државниот, регионалниот и на општинскиот натпревар по виолина.
Паралелно сака да свири и на пијано, бидејќи нејзината постара сестричка свири на тој инструмент. Сепак, виолината е инструментот што самата избрала да го учи и таа е нејзин главен приоритет.
Кога нејзиниот татко, актерот од прилепскиот театар Александар Тодески ја прашал на кој инструмент сака да учи да свири, како од пушка одговорила: на виолина. И навистина, со текот на времето, Ангелина се сплоти со виолината, со неа е како едно.
– Иако е тежок инструмент за свирење, секојдневно вежбам. Нема ден да не ја земам виолината в раце и да не свирам. Го правам тоа од мерак – вели деветгодишната Ангелина. Ка.М.