Фото: Марија Захарова/Твитер

Русија има „значителни количини“ западни средства кои би можеле да бидат предмет на одмазда доколку Западот ги заплени приходите од замрзнатите руски средства – изјави Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи.

Лидерите на земјите-членки на блокот Г7 се договорија на самитот во Италија минатата недела да ги искористат интересите на замрзнатите руски фондови на Запад за да обезбедат заем од 50 милијарди долари за Украина – пренесe „Хина“, повикувајќи се на „Ројтерс“.

Русија тврди дека оваа акција е незаконска и ќе му се врати на Западот бидејќи ќе ја поткопа довербата во глобалниот финансиски систем.

– Нашата земја располага со значителни износи на западни средства и средства кои се под руска јурисдикција. Сето ова може да биде предмет на руската одмаздничка политика – рече Захарова во обраќањето пред новинарите.

– Се разбира, никој нема да ви ја открие природата на тие одмазднички акции. Но, арсеналот на политички и економски контрамерки е широк – додаде Захарова.

Економистите, адвокатите и експертите велат дека една од најверојатните руски мерки ќе биде заплена на финансиски средства на странските инвеститори, кои во моментов се чуваат на специјални сметки „тип Ц“, кои се блокирани од пристапот од почетокот на војната, освен ако Москва не одлучува поинаку.

Околу 260 милијарди руски средства, како што се резервите на централната банка, се замрзнати под санкциите наметнати на Москва поради нејзината војна во Украина. Околу 190 милијарди се чуваат во Euroclear, финансиска институција со седиште во Брисел.

Претставници на Европската унија за „Ројтерс“ минатата недела изјавија дека Европската унија може да обезбеди околу половина од заемот од 50 милијарди долари за Украина. Меѓутоа, италијанскиот премиер Џорџија Мелони, домаќин на самитот на Г7, подоцна изјави дека парите ќе дојдат од САД, Канада, Велика Британија, а можеби и од Јапонија и дека членките на ЕУ засега нема да бидат директно вклучени.

Захарова рече дека Русија добила „директни сигнали“ од некои членки на групата Г7 дека нема да учествуваат во такви акции „бидејќи разбираат дека цената би била крајно болна“.

Таа не ги именуваше земјите и не даде дополнителни детали за да го поткрепи тврдењето.