ФУДБАЛ
Некои навивачи што се подготвуваат за Европското првенство (ЕП) во фудбал во Германија се загрижени од информациите што кружат на социјалните мрежи дека „германската полиција ќе врши случајни проверки на навивачите и дресовите што ги носат“, пишува хрватски „Индекс“. Се проширија гласини дека навивачите нема да смеат да носат неоригинални дресови на ЕП и дека казните за тоа ќе бидат неколку илјади евра, пишува „Индекс“.
– Станува збор за приказна што почна да кружи во март годинава преку британски портали и која се прошири низ социјалните мрежи и портали во Хрватска, а помалку во Германија – објаснува за ХРТ Жељко Матиќ, главен уредник на берлинскиот магазин, а Крешимир Ковач, кој живеел во Германија последните пет години, додава: „Иако германскиот закон за трговски марки навистина пропишува казни до пет илјади евра за поседување неоригинална брендирана облека, тешко дека полицијата ќе ве сопре само поради тоа. Тоа е само за да се потисне црниот пазар, луѓе што планираа да донесат поголемо количество таму и да го продадат.
Секој 10-ти млад навивач свесно купува фалсификувана спортска опрема, покажало истражување на Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската Унија, пишува „Индекс“.
– Загубите се околу 851 милион евра годишно од прометот на фалсификувани производи, што е значителна штета за индустријата – вели Марија Шиша Хрлиќ, раководителка на Одделот за авторски и сродни права и спроведување на правата од интелектуална сопственост при Државниот институт за интелектуална сопственост, а „Индекс“ ја пренесува и изјавата на амбасадорот на Република Хрватска во Германија, Гордан Бакота: „Апелирам до хрватските граѓани да ги почитуваат прописите, а тоа се однесува и на дресовите. Во случај на каков било проблем ги упатуваме директно да контактираат со нас“. Г.И.