Оствареното зголемување на приходите во 2022 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции, истите се покриваат со одвојување на средства од Буџетот и учествуваат со 33,58 проценти во вкупните приходи на Фондот, констатирал Државниот завод за ревизија во денеска објавениот конечен ревизорски извештај на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Ревизорите утврдиле дека и во 2022 година не се надминати утврдените состојби од претходните години за кои ревизорот во континуитет известува, а се однесуваат на недостиг на стручен и обучен кадар за актуарство и перманентниот одлив на вработени од ИТ секторот и внатрешната ревизија, што влијае на развој на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети, функционирање на информацискиот систем и ажурноста на сите воспоставени системи и ефективноста на системот за внатрешни контроли.
Во извештајот се наведува дека е извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2022 година кај Фондот на пензиското и инвалидското осигурување за 2022 година.
Со извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2022 година, се додава, изразено е мислење со резерва во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики.
Во објавениот ревизорски извештај ревизорите утврдиле слабости во делот на пописот и евидентирање во деловните книги на постојаните средства добиени по основ затворени стечајни постапки кои не се спроведени и на земјиштето за кое Фондот има сопственост/право на користење, како и бришење од сметководствената евиденцијата без одлука на Влада на расходуваните движните ствари.
Се наведува дека Фондот и понатаму не располага со податоци за вкупно наплатените средства од акции, како и решение за основот за повлекување на средства од сметката од страна на МФ, со што не може да ја потврди точноста и целосноста на наплатените приходи.
Ревизорите утврдиле дека постојат слабости при спроведувањето и реализацијата на дел од постапките за јавни набавки на ИТ, тековно одржување и изведување на градежно занатски работи на деловни објекти на Фондот, како и за набавка и плаќање за поставување на фотоволтаичен систем за производство на електрична енергија за кој не е навремено обезбедена документација за сопственоста на објектот и не извршен технички прием.
– Слабости во чување и архивирање на податоците во матичната евиденција и недовршен процес на индексирање и дигитализирање на микрофилмови и скенираните документи кои го оневозможуваат потврдувањето на веродостојноста и целосноста на регистрираните податоци, потребни за остварување на правата од ПИО. Не се надминати состојбите во однос на не распоредени средства на уплатната сметка од наплатен придонес за ПИО кои Фондот не може да ги користи, а осигурениците не можат да ги остварат правата од ПИО – се посочува во соопштението од Државниот завод за ревизија.
Според извештајот, и понатаму не е воспоставена електронска поврзаност на архивата на Комисијата за оцена на работната способност во Фондот со Комисијата за ревизија во МТСП, а пополнувањето на испразнетите работни места со лекари специјалисти е отежнато кое не обезбедува навремено и компетентно извршување на надлежностите на Комисијата.
Констатирано е дека не се надминати констатираните состојби од претходни години а се однесуваат на недостиг на стручен и обучен кадар за актуарство и перманентниот одлив на вработени од ИТ секторот и внатрешната ревизија што влијае на развој на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети, функционирање на информацискиот систем и ажурноста на сите воспоставени системи и ефективноста на системот за внатрешни контроли.
– Системот на внатрешни контроли во процесот на остварување на правата од ПИО и процесот на исплата на пензиските примања е уреден со повеќе поединечни интерни акти и процедури од кои дел не се ажурирани целосно согласно на електронскиот систем кој е во примена. Отсуствува целосна поделба на надлежностите и одговорностите на вработените вклучени во процесите поради што постои ризик од неправилности во постапката за признавање на правата од ПИО, како и ризик од исплата на пензија и по истекот на законски утврденото право, стои во соопштението.
Ревизорскиот извештај упатува и на прашања на неизвесност и континуитет и тоа за неосновано повлечени средства од сметката на Фондот од страна на извршителите по основ на налози за извршување, во кои како должници се јавуваат корисници на пензија и преземените активности од страна на Фондот поврзани со реализација на налози за извршување, како и за тоа дека структурата и нивото на остварени приходи во известувачкиот период дефицитот во исплатата на пензиските примања, како и неизвесностите по работењето на Фондот поврзани со инфлаторните движења и неповолните демографски движења.
Во извештајот стои дека вкупните остварени приходи на Фондот во 2022 година изнесуваат 91.410.6541 илјади денари.
– Изворните приходи т.е. приходите од наплатен придонес за ПИО во 2022 година се зголемени за 11,63% во однос на претходната 2021 година и во 2022 година изнесуваат 54.943.420 илјади денари, што претставува учество од 64.54% од вкупно остварените приходи. Оствареното зголемување на приходите во 2022 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така бележат раст од година во година. Имено, расходите за социјални бенефиции (исплата на пензиските примања заедно со придонесот за здравствено осигурување на пензионерите, трансферите до вториот пензиски столб и инвалиднината) во 2022 година изнесуваат 87.607.370 илјади денари за вкупно 335.743 корисници на пензиски примања односно заклучно со декември 2022 година исплатите се за 9,8% повисоки во однос на 2021 година – се појаснува во извештајот.
Фондот и покрај зголемување на приходите по основ на придонеси од ПИО, оцениле ревизорите, има недостаток (дефицит) на средства за исплата на расходите за социјални бенефиции, поради што во 2022 година се трансферирани средства од Буџетот на Република Северна Македонија во висина од 31.022.110 илјади денари. Учеството на овие средства во вкупните приходи на Фондот за последните три години има тенденција на стагнација, односно намалување во однос на 2021 година и изнесува 33,58% од кој 22% се за покривање на тековниот дефицит за исплата на пензии.
Ревизијата го истакнува влијанието на неповолната демографска структура на населението во РСМ кои беа потврдени со спроведениот попис на населението, како и влијанието на тековните инфлаторни движења со кои е зафатена земјата и светот и нивното влијание врз работењето на Фондот со оглед на законската обврска да се изврши усогласување на висината на пензиските примања со индексот на трошоци на животот и порастот на платите.
Како резултат на наведеното се очекува и подолгорочно гледано, финансиското работење на Фондот да продолжи да биде оптоварено со тековниот проблем на зголемен дефицит, кој се покрива со трансфери од Буџетот на РСМ.
– Потребно е Фондот да преземе активности во соработка со надлежните институции за обезбедување на потребните кадровски капацитети за непречено функционирање на единицата за внатрешна ревизија и Секторот за ИТ. Да се преземат активности за развој на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети преку координирани активности за носење на законски решенија кои ќе придонесат кон намалување на масата на пари за исплата на расходите за социјални бенефиции како и во делот на утврдување на придонесот од ПИО и целосна наплата на истиот како еден од сегментите за стабилизација на пензискиот систем што ќе има влијание на намалување на учеството на трансферите од Буџетот на РСМ во вкупните приходи на Фондот – препорачуваат во извештајот од ДЗР.