Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер на средба на која биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, како и за евроинтеграциските процеси, информираа од претседателскиот кабинет.
Во контекст на македонските аспирации за членство во Европската унија (ЕУ), претседателката Сиљановска Давкова истакнала дека поддршката од пријателите и партнерите во ЕУ е од исклучително значење.
– Претседателката Сиљановска Давкова изрази очекување за продолжување на пристапниот процес во ЕУ, преку враќање на вербата во мериторниот процес на интеграција, со фокус на исполнување на копенхагенските критериуми. Таа изрази надеж дека историските прашања, стари и по сто години, нема да го преземат приматот на реформите кои се главен национален приоритет и воедно изрази очекување за подлабока соработка со Француската петта република за примена на француските искуства во развојот на демократијата – се вели во соопштението.