Поголема група на матични лекари од Прилеп денеска протестираа пред ПО на
Фондот за здравствено осигурување – Прилеп, со што го изразија својот револт од
казнената политика што фондот ја спровел за последните три месеци. Тие велат
дека голем дел од лекарите се казнети и покрај тоа што совесно и професионално си ја
извршувале својата работа. Посочуваат дека казните биле заради надминување на бројот на пропишани рецепти во едно тримесечие, при пропишување на соодветна терапија.
– Професионално и одговорно си ја вршиме нашата професија. Немаме увид како се случува да се надминува бројот на пропишани рецепти. Постапуваме одговорно кон пациентите кои имаат најразлични здравствени проблеми. По три месеци ни стигнува
мејл на кој не известуваат дали сме пречекориле и не казнуваат со различни проценти.
Бараме да дојде веднаш до промена на казнената политика на ФЗО и да не се казнуваат
матичните лекари, кои имаат различен број на пациенти. Освен тоа бараме и да се покачи капитациониот бод за да можеме финаниски да опстоиме. Се надеваме барањата ќе ги слушнат надлежните и ќе бидат надминати – изјави Билјана Мирческа Гаврилоска, претседателка на Здружението на матични лекари од Прилеп, Македонски брод и Крушево.
Во овој регион има околу 65 матични лекари кои им пружаат здравствена заштита
на граѓаните. Ка.М.