Поранешниот министер за надворешни работи и дипломат Срѓан Керим, зборувајќи за заклетвата на шефицата на државата Гордана Силјановска Давкова, рече дека „претседател на држава кој полага заклетва пред својот Парламент, пред своите граѓани и пред својот народ не може да направи гаф кога го изговара името на државата Македонија“, посочувајќи дека пораката што таа сакала да ја упати била внатрешно-политичка односно кон мнозинствотот граѓани што гласаа за неа, а не да се испровоцира Грција или некоја друга земја.
– Ако барате порака, тогаш јас ја читам како внатрешно-политичка, а не надворешно-политичка затоа што една од основните одлики и карактеристики на демократијата е мнозинството. Госпоѓата Силјановска Давкова беше избрана со огромен број на гласови на мнозинство на граѓаните на оваа држава и поради тоа тој гест беше наменет на нив, а не да се провоцира ни Грција ни никој друг – рече Керим во тема на денот на телевизија „Сител“.
Ако треба да одговори како дипломат, рече тој, дипломатски е да се седне на маса и да се разговара.
– Има причина да разговараме затоа што ако ние провоцираме со тоа што го употребуваме името Македонија, што е тогаш употребата на „Скопиа“ цело време од грчка страна кога зборуваат за нашата земја. Нели е и тоа провокација – праша Керим.
Се што ќе излезе од Скопје или од Македонија, вели поранешниот министер, подлага на еден диоптер од Брисел и ние треба да бидеме постојано фрустрирани, укочени, да пазиме што зборуваме и што ќе кажеме за тоа да не не одалечи од Брисел.