Фото: Фејсбук/Џо Бајден

Барањето на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд да се издаде налог за апсење на израелските лидери е безобразно и САД не се согласуваат со споредбата меѓу Израел и Хамас, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.

– Да бидам јасен, што и да се обидува да имплицира овој обвинител, нема изедначување на Израел и Хамас – рече Џо Бајден.

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, пак, предупреди дека таква одлука може да ги загрози напорите за постигнување договор за прекин на огнот, договор за заложниците и за зголемување на хуманитарната помош во Газа.

– Го отфрламе обидот на обвинителот да го изедначи Израел со Хамас – нагласи Блинкен.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека одлуката на обвинителите на Меѓународниот кривичен суд, со која се бара налог за негово апсење, е апсурдна и е насочена кон Израел.

– Со гадење ја отфрлам споредбата на хашките обвинители меѓу демократски Израел и масовните убијци на Хамас. Со каква дрскост го споредувате Хамас кој убиваше, палеше, масакрираше, силуваше и ги киднапираше нашите браќа и сестри, со војниците на ИДФ кои водат праведна војна – рече Нетанјаху.

Тој го нарече потегот на обвинителот на судот нов тип на антисемитизам.

– Граѓани на Израел, ви ветувам едно – обидот да ни ги врзат рацете нема да успее. Ветувам дека ниту еден притисок и ниту една одлука на ниту еден меѓународен форум нема да не спречи да ги удриме оние кои сакаат да не уништат – додаде израелскиот премиер.

Главниот обвинител на судот, Карим Кан, претходно денеска изјави дека се поднесени налози за апсење против Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант под обвинение за „поттикнување истребување, поттикнување глад како метод на војна, вклучително и задржување на хуманитарна помош и намерно таргетирање на цивили во конфликтот“.

Покрај тоа, денеска судот побара апсење на лидерите на Хамас – Јахја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханије, кои се обвинети за „истребување, убиство, земање заложници, силување и сексуални напади“.