Фото: Пиксабеј

Се очекува американската министерка за финансии Џенет Јелен да ги повика Европа и САД да застанат заедно со изнаоѓање начин за користење на замрзнатите руски суверени средства за помош на Украина. Ова го објавија Ројтерс и Блумберг, повикувајќи се на белешки за говор посветен на трансатлантската унија, што Јелен ќе го одржи утре во Франкфурт, пренесе БТА.

Американската министерка за финансии утре ќе пристигне во Франкфурт за да добие почесен докторат од Франкфуртската школа за финансии и менаџмент. На настанот се очекува да учествуваат претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард и германскиот министер за финансии Кристијан Линднер.

Во белешките за утрешниот говор на Јелен, објавени денеска, се вели дека поддршката на САД и Европа е суштинска за украинскиот отпор.

Таа, исто така, ќе зборува за потребата да се сузбие затајувањето на руските санкции и да и се обезбеди на Украина финансирање за опремување на нејзината војска, финансирање на клучните владини служби и на крајот обнова на постконфликтот.

Министрите за финансии на Г7 ќе се сретнат во Стреса, Италија, од 23 до 25 мај.

Јелен, исто така, се очекува да каже дека Европа и САД постапиле „одлучно“ за да воведат санкции кон Иран поради ширењето на беспилотни летала и ракети користени во конфликтите во Газа и Украина.