Фото: Архива

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски утрово, преку својот фејсбук-профил, информира дека овластено службено лице вработено во МВР е фатено на лице место со над 12 илјади евра од извршено кривично дело „измама“.

Според Тошковски, И.М., виш аналитичар во СВР Скопје, вчера е приведен под сомневање за измама.

– Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција се постапуваше по пријава од три оштетени лица и на ден 17.5.2024 година наведеното лице е фатено на лице место во моментот на примопредавање на 12.500 евра, претходно криминалистички обработени кои ги прибавила за наводно посредување за добивање на социјални станови од Б категорија – наведува министерот.

Во врска со кривичното дело е извршен претрес во службените простории кои ги користела пријавената при што е пронајдена пообемна сомнителна документација која е поврзана со кривичното дело во вид на разни документи за кои постои сомневање дека се фалсификувани, разни договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи.

Исто така, при извршен претрес во дом и други простории кои ги користи лицето И.М. лоцирани во Општина Сарај, беше пронајдено и огнено оружје со шест парчиња муниција кое оружје и муниција најверојатно ги поседува без дозвола, за што известено е и Одделението за недозволена трговија со оружје при СВР Скопје заради преземање на дополнителни мерки.

– МВР и понатаму продолжува со преземање на мерки и активности насочени кон испитување на евентуална поврзаност на наведеното лице со други високи полициски службеници – информира Тошковски.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција поднесе кривична пријава против И.М. (41) од село Буковиќ, општина Сарај, аналитичар во СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела измама по член 247 од Кривичниот законик, а Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка.

Лицето е изведено пред судија на претходна постапка, кој определи мерки на претпазливост, одземање на патната исправа и забрана за напуштање на град Скопје.

Според Обвинителството, од април 2023 година, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, осомничената довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициска станица Гази Баба и член на Комисија за доделување социјални станови. На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12.000 евра за стан и 3.000 евра за посредување и изготвување документација. Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12.500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите.