Меѓународна научна конференција во организација на Факултетот за туризам и бизнис-логистика – Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип

Факултетот за туризам и бизнис-логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е организатор на седмата Меѓународна научна конференција насловена „Предизвиците во туризмот и бизнис-логистиката во 21 век“, која ќе се одржи утре во портата „Македонија“ во Скопје. Меѓународниот научен комитет на оваа конференција вклучува еминентни професори од Македонија и од над 15 странски земји, како: Израел, Шпанија, Франција, Молдавија, Италија, Грција, Египет, Полска, Турција, Романија, Србија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина и Словенија.
Целта на оваа конференција е да промовира поголемо разбирање на бизнисот, економијата, туризмот, културата и културното наследство, образованието.
Традиционално, и годинава конференцијата ќе започне со панел-дискусија на темата „Глобалната динамика и можностите за поттикнување на економскиот раст: преглед на состојбите во бизнисот, културата, културното наследство и туризмот“, каде што еминентни панелисти од Македонија ќе ги дијагностицираат состојбите токму овде, со препораки за потребните реформи.
Оваа меѓународна конференција ќе биде збогатена со етнолошка изложба на народни носии од Македонија (плакати), иницирана од страна на м-р Александар Јорданоски, експерт за заштита на културното наследство, а реализирана со поддршка на проф. д-р Владимир Јаневски, етнокореолог од Музичката академија од Штип.
Повикот за трудови на оваа конференција третира теми што наметнуваат фокус на учесниците и истражувачите насочен кон најновите трендови и предизвици во врска со развојот на туризмот, менаџирањето со компаниите, пазарот на трудот, можностите за придобивки и профит, изгледите за подобра конкурентност на меѓународниот пазар, што, пак, е императив за финансиската стабилност на Македонија во целина.
– Со пристигнатите трудови и авторските истражувања, убедена сум дека ќе се оствари целта на конференцијата, а тоа е оценување на тековната состојба и идните изгледи за развој на микроплан, што се однесува на домашниот пазар, како и движењата на глобалната економија, подготвувајќи ја бизнис-заедницата за предизвиците со кои ќе се соочува при остварувањето на своите цели, што де факто влијае врз одржувањето на финансиите, особено во времето што го живееме под притисокот на актуелната економска состојба. Во однос на учеството на еминентни експерти од Македонија, знам дека препораките што ќе произлезат од панел-дискусијата ќе бидат препораки што ќе адресираат како да се зајакнува капацитетот на компаниите, какви промени се потребни во регулативите што го диктираат нашиот пат, како да се подобрат состојбите во бизнис-секторот, туризмот, културата и културното наследство воопшто. Верувам дека дискусиите ќе дадат одговор и на тоа како реагираа и како треба да реагираат менаџерите на финансиски средства во услови на голем пазарен ризик, пазарни шокови и како треба да се подготвуваат инвеститорите во одделни сектори.
Токму овие препораки ќе бидат двигател на реформски процеси во насока на издигање на квалитетот на образованието заради поголема продуктивност на трудот, конкурентност на економијата и намалување на неусогласеноста на понудата на вештини и компетенции и побарувачката на пазарот на трудот – изјави деканката на Факултетот за туризам и бизнис-логистика и претседателка на Организацискиот комитет, проф. д-р Татјана Бошков.