Блудницата, разбојникот, цариникот

Пред да го напишам она што сум наумил да го споделам со вас, сакам да се поздравам со Пол Остер, американскиот книжевен гениј, еден од моите омилени модерни писатели, кој, во вторникот, на 30 април замина од овој привремен живот. Се надевам дека ќе ве поттикнам да го читате. Низ годините што изминаа уживав, се богатев и се градев со неговите чудесни дела, како „Месечева палата“ (мојот омилен роман), „Њујоршка трилогија“, „Книга на илузии“, „Левијатан“, „Господин Вертиго“, „Бруклинска ревија на лудости“, „Невидливото“, а дома ги имам уште непрочитани, и тоа ме возбудува, „4,3,2,1“, „Зимскиот дневник“ и „Музика на случајноста“.

Поради празниците колумнава ја пишувам на Велики четврток, ден кога Миротворецот беше приведен, руган, плукан и тепан, измачуван, а потоа распнат и убиен (но со смрт, смртта ја победи). Учејќи ја низ годиниве страшната и прекрасна Христова наука, можам да заклучам дека нам, луѓето, секој ден ни е Велики четврток. Ние секојдневно го понижуваме, му се ругаме, го мачиме, распнуваме и убиваме Месијата. Така беше вчера, така е денес, така ќе биде и утре. Овој род се чисти со пост и молитва, рекол Учителот, ама ние никако да почнеме пост во кој ќе се откажеме од мразење и јадење едни со други, судење и меѓусебно истребување, а се молиме само кога ќе западнеме во безизлезна состојба (тогаш се молат и атеистите), и тоа се молиме само за себе, за лична корист.

Она што вистински ме вознемирува и застрашува е фактот дека не само што ништо не се менува туку истото постојано се повторува, дури и се надградува. Зарем не е речиси идентично она што се случувало пред 2.000 години и ова што го гледаме сега. Да земеме само еден пример. Тогаш имаше заговор да се уапси и убие оној што пречи, се појави и предавник, па следуваа апсење, испрашување и судење во веќе однапред смислен и наместен процес со едночудо лажни сведоци и противречни измислени сведоштва, имаше купишта лаги и манипулации, притисок, закани и измачување за да се дојде до пресуда што многумина ја знаеја и пред да биде објавена, па се случија изрекување и извршување на злоделото наречено казна за несторени злосторства. Да, врз Исус Христос се спроведе политички монтиран судски процес на чиј крај беше распната Вистината. Христос воскресна и со смрт смртта ја победи, а ние ќе видиме дали сме способни да ја воскреснеме правдата и сите оние невини жртви од настаните на 27 април да ја добијат заслужената слобода. За оние што во своите срца ќе ме обвинат и осудат дека играњето со судбините на невино затворените од 27 април ги споредувам со страдањето на Бога, нека имаат предвид дека нивната незавршена голгота постои во овие редови како парабола за непобитната вистина дека времето тече, ама во нас луѓето ништо суштински не се менува.

И спроти овој Велигден не само што не се молиме да запрат ужасите во Украина и во Палестина туку, напротив, сакаме да продолжат дури и кога се расфрламе со флоскули од прирачници за мис на светот, барајќи да има секаде мир, затоа што сме застрастени од навивачко расположение. Во еден момент, во овие две конкретни братоубиствени војни (оти едните од исто племе се, а другите потекнуваат од ист татко), кои се предигра на веќе започнатата светска касапница, ќе има победник на хартија, но вистината е дека ние одново го распнуваме Синот Човечки.

Па, каде е тогаш тој ваш Господ да го спречи сето тоа, ќе праша агностикот и тоа прашање воопшто не ми пречи, ниту ме вреѓа или лути, скраја да е, ја разбирам вознемиреноста од која произлегува, но секако ме плаши, оти одговорот наеднаш станува застрашувачки, односно, ако нема Творец, тогаш сите ние сме станале психопати низ созревање, а ако има Креатор, како што го има, значи треба да ни ја одземе слободната волја да распознаваме и избираме меѓу добро и зло, па Тој да одлучува и дејствува наместо нас. И која е тогаш смислата и користа на нашето битисување?

Војната е продолжување на политиката со други средства, ќе каже политичката и воената наука, ама политиката е курва, ќе додаде обичниот човек кој се држи до народното искуство, па излегува дека војната е продолжување на курвалакот на моќта со други средства, при што вообразените моќни ликуваат и заработуваат, додека простите (едноставни) по дух страдаат убивајќи се меѓу себе. Блудницата, разбојникот на крстот и цариникот, сите грешници, станаа свесни за својот грев и се понижија барајќи прошка, затоа им беше и простено, а вообразените во гордост и човечка мудрост, старешини, фарисеи и книжници, останаа слепи во срцата и нив на злото, веќе им е дадено тоа што си го заслужиле.

А каде сме тогаш ние денес, модерните и убедени во својата цивилизираност, битија? Па, во секого од нас живеат истите тие блудница, разбојник и цариник, оти полни сме со блудна страст, од помисли, преку селфија со предумисла, до консумеризам, разбојници сме спрема својот дом, татковина, корен, го растураме она што не сме го создале, а како цариници опседнати од материјалното постојано бараме повеќе и повеќе, само што не сакаме да се понижиме и да се покаеме, напротив, им се потсмеваме на оние што паднале на колена пред Судијата, бидејќи сонуваме и фантазираме, им се восхитуваме и ги воспеваме денешните старешини и фарисеи, сакајќи и ние како нив да бидеме слепи во срцето, додека сопствениот газ е сместен во фотелјата на удобноста, па го земаме далечинското, го вклучуваме телевизорот на сеопштата планетарна човечка безумност и додека гнетеме пуканки со устите, го голтаме злото со очите, хранејќи си ја утробата со вообразена глупавост и арогантна горделивост, кои убиваат, мразат, политизираат, судат и пресудуваат.

Ама Ти, прости Господи, прости ми мене грешниот, оти полош сум од сите овие што ќе се пронајдат меѓу редови. Прости, бидејќи и во мене живее блудницата, ужива во страста и заборава да се покае, во мене дејствува и разбојникот, ама тој не се понижува како оној на крстот, ами продолжува да го разбива она што самиот не може да го создаде, пее и цариникот, но не покајничка песна, туку химна за потребата материјално да се оствари, море и до слава да стигне како фарисејот за сите да му се восхитуваат на моќта што не ја заслужил. Прости, оти милостив си, а јас сум поголем грешник (сите сме грешни) од атеистот и агностикот, бидејќи, за разлика од нив, јас демек ја учам Христовата наука, ама ниту ја ползувам, ниту ја практикувам, па тоа што можеби ним за зло им се зема, мене нека ми се додаде, иако, и последниов пасус е само суета и лицемерство од кои не знам како да побегнам.