Ќе се основа фондација „Горан Стефановски“

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје донесе одлука за основање фондација „Горан Стефановски“. Одлуката, по предлог на Ректорската управа, во саботата, спроти роденденот на овој великан на македонската драма – 27 април, ја донесе Сенатот на УКИМ, по што ќе започне постапката за носење на основачките акти и избор на органите на фондацијата.
Фондацијата се основа по иницијатива на Факултетот за драмски уметности – Скопје, каде што Стефановски долги години ги предаваше драмските занаети, пред да го продолжи својот животен пат во Велика Британија. Во органите на фондацијата, освен претставниците на академската заедница и на семејството на Стефановски, ќе партиципира и Драмскиот театар од Скопје, на чија сцена драмите на овој автор ги доживеаја најголемите успеси.
– Цели на фондацијата ќе бидат заштита и негување на оставината на делото на нашиот најголем современ драмски автор Горан Стефановски, како трајна културна вредност, публикување негови објавени и необјавени трудови, во печатен и електронски формат, подобрување на достапноста на неговото творештво на сите светски јазици, градење на културата – посета на театар и однос кон драмските уметности кај новите генерации, но и проекти за промоција и поттикнување на македонското драмско творештво воопшто. Фондацијата ќе обезбеди стипендирање на образованието во сите степени на талентирани ученици и студенти во областа на драмските уметности, поддршка и унапредување на талентираните ученици, студенти и млади што аматерски се занимаваат со филм и театар – велат иницијаторите на идејата.
Исто така, фондацијата ќе го поттикнува и поддржува неформалното образование за создавање драми, ќе организира едукативни дебати, работилници и семинари, уметнички и научни конференции, како и хуманитарни проекти од сценскоизведувачка и аудиовизуелна природа за поддршка на ранливи категории.
Великанот на македонската драмска уметност Горан Стефановски почина пред пет години во Кентбери, Англија, на 66-годишна возраст. Автор е на култните драми: „Диво месо“, „Лет во место“, „Јане Задрогаз“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар Маало“ и многу други. Беше еден од креаторите на популарната ТВ-серија „Бушава азбука“ и на повеќе филмски сценарија. Завршил Филолошки факултет во Скопје – англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград, каде што и магистрирал на темата „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“. Работеше во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 1986 година ја основал Катедрата за театарска и филмска драматургија и бил професор по драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Добитник е на наградите: „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Војдан Чернодрински“, „Стериина награда“. Стефановски беше и дописен член на МАНУ. В.Д.


Драмскиот театар ќе доделува награда „Горан Стефановски“

Драмскиот театар во Скопје (ДТС) на денот на роденденот на драмскиот автор Горан Стефановски ја востанови наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30-годишна возраст, кој ќе се избира по пат на јавен конкурс. Преку овој чин му се оддава почит и се чува споменот за Горан Стефановски и неговата улога во развојот на македонската драматургија и театар и наедно се проширува заложбата на Драмскиот театар за афирмација на младите македонски автори и македонското драмско писмо. Стефановски како млад драмски автор со драмските дела „Јане Задрогаз“ и „Диво месо“, во соработка со ДТС, постигна успеси за паметење. За временската рамка во која ќе се одвива конкурсот и за пропозициите јавноста ќе биде дополнително информирана.