Во киното на железничка зграда на ул. Борка Талевски 26 во Скопје вчера се одржа настанот „Каков град“, кој претставува интервенција во јавен простор, развиена во рамките на едукативната платформа „Градот како сцена: Изведување на јавниот простор“, во организација на „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ) во Скопје. Главниот фокус на платформата е активирање на просторот на киното во железничката зграда, како потенцијален заеднички простор што треба да го користи пошироката заедница на граѓани.
Во таа насока, настанот иницира идеи како ова кино да стане активен простор за заедницата, користејќи веќе постојни ресурси да се изгради/осмисли просторна инсталација што треба да зборува за можностите на овој јавен простор. Учесници во настанот беа студенти од Архитектонскиот факултет во Скопје, млади архитекти и визуелни уметници. Ментор на проектот е Филип Јовановски.
Првиот дел од настанот насловен „(Де)конструкција на машкоста“ – перформанс на Крсто Глигорјадис, ја нагласува постојаната борба на мажите да се ослободат од општествените стандарди, поттикнувајќи дијалог за менталното здравје, мажот во современото општество, поврзаноста со татковците и товарот на невидливите очекувања од мажите, притоа поканувајќи ја публиката да ги процени сопствените искуства додека ги предизвикува и преобразува општествените норми. Потоа беше изведена „Соларна кујна“ – уметничка проект-интервенција на Никола Узуновски, долгорочен проект во кој уметникот соработува со уметници, научници и локални заедници за да развие различни форми на кујни што ја користат сончевата светлина како единствен извор на енергија. Секоја варијација е уникатна и направена специјално за нејзините географски услови и културен контекст. Таа го спојува научниот процес со медиумскиот аспект на уметноста за да отвори покомплексно искуство и акцент како овие две сфери се поврзани.
На настанот учествуваше и Горан Костовски-Индог, илустратор, радиоводител и диџеј, кој изминативе дваесетина години претставува важен скопски шетач, талкач низ градските улици, оживувајќи ги фасадите (главно тие на градски ѕид) со своите цртежи, активистички гестови, „чкртаници” и позитивни борби во одбрана на градот.