Поаѓајќи од динамичниот тренд за решавање на енергетските потенцијални проблеми што се детектирани како „проблеми во надоаѓање“ во повеќе земји од Европа, експерти од областа на енергетиката со кои се консултиравме здушно тврдат дека нашата држава не може да си дозволи брзо да се откаже од користењето јаглен за производство на електрична енергија, ако се има предвид високата зависност од увоз на енергија, по високи цени (со непредвидливо варирачки неповолен тренд за нас), која директно се одрази неповолно на економските активности за време на претходните кризи…
Како земјите од Европа се справуваат со енергетските предизвици за да ја подобрат сопствената енергетска безбедност и да избегнат прекини на струја
Глобалниот капацитет за производство на електрична енергија на јаглен се зголемил минатата година за првпат од 2019 година, и покрај ставовите на европската, односно бриселската администрација, дека електроцентралите на јаглен треба да се затвораат со стапка од најмалку шест проценти секоја година за да се избегне климатска вонредна состојба.
Извештај на „Глобал енерџи монитор“
Извештајот на „Глобал енерџи монитор“ покажа дека капацитетот за производство на електрична енергија на јаглен пораснал за два отсто минатата година. Минатата година биле вклучени околу 69,5 гигавати капацитет на електроцентрала на јаглен, од кои две третини биле во Кина, се наведува во извештајот.
Термоцентрали се изградени и во Индонезија, Индија, Виетнам, Јапонија, Бангладеш, Пакистан, Јужна Кореја, Грција и во Зимбабве. Во меѓувреме, забавувањето на затворањето на фабриките за јаглен во САД и во Европа изнесуваше повеќе од 21 гигават минатата година. Тоа резултира со годишен нето-пораст од речиси 48,5 гигавати за годината, најмногу од 2016 година. Климатските научници рекоа дека сите електроцентрали на јаглен треба да бидат затворени до 2040 година – освен ако не се опремени со ефикасна технологија за отстранување на јаглеродот – доколку владите очекуваат дека глобалното затоплување на планетата ќе биде ограничено на 1,5 Целзиусов степен во споредба со прединдустриските нивоа.
Ова би барало затворање во просек од 126 гигавати постројки на јаглен од сегашната флота од 2.130 гигавати секоја година во следните 17 години, според извештајот, или еквивалент на околу две централи неделно.
Многу земји во Европа предлагаат изградба на нови гасни постројки за да се по добри енергетската безбедност и да се избегнат прекини на струја
Европскиот увоз на термички јаглен падна на рекордно ниско ниво во март, бидејќи ниските производствени маржи го влошија сезонскиот пад на побарувачката. Седум клучни увозници – вклучувајќи ги Холандија, Белгија, Германија, Франција, Италија и Обединетото Кралство – увезле околу 1,1 милион тони, што е намалување од 1,2 милион тони во февруари.
Многу земји во Европа предлагаат изградба на нови гасни постројки за да се подобри енергетската безбедност и да се избегнат прекини на струја. Иако Европа се залага за нуклеарна енергија и ветерници за да се намалат емисиите на јаглерод и да ги исполнат климатските цели, сепак сметаат дека природниот гас ќе помогне да се балансира зелената енергија.
„Нова Македонија“ многупати досега пишуваше дека нашата држава не може да си дозволи брзо да се откаже од користењето јаглен за производство на електрична енергија, ако се има предвид високата зависност од увоз на енергија, која се одрази неповолно на економските активности за време на претходните кризи. По нарушувањето на пазарите по војната во Украина, енергентите станаа понедостапни и поскапи, а многу земји во Европа ги ревидираа своите првични планови за брзи транзиции кон зелена енергија.
Насоки за достапно и стабилно снабдување со релативно евтина енергија
Професорот Ристо Филкоски од Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет вели дека не смееме да се откажеме од индустријата, односно од тоа малку што е останато од неа, а за тоа е потребно достапно и стабилно снабдување со релативно евтина енергија.
– Дури, еден дел од европските земји можеме да ги земеме како јасни негативни примери во околностите на енергетска криза во последниве неколку години. Всушност, корените на кризата се во избрзаната енергетска транзиција на ЕУ, предизвикана од недоволно образовани политичари, кои презедоа драконски чекори без адекватни подготовки и консултации со експертите во енергетската проблематика. Во тој контекст, ние страдаме од сервилното, вазалско, беспоговорно прифаќање на сѐ што доаѓа или се налага од западните партнери и притоа често трпиме несогледливи последици. Кај нас, постојните термоенергетски блокови мора да се одржуваат колку што е можно тоа во актуелните услови. Нивното функционирање е од витално значење за енергетската безбедност и стабилното снабдување на земјата. Тие треба да се исклучуваат постепено, во наредните години и децении, откако претходно ќе се создадат услови за нивна суштинска замена – потенцира Филкоски.
Секако, како што вели тој, има категории бизнисмени во енергетскиот сектор – увозници на електрична енергија, кои би се веселеле на моментално затворање на термоенергетските блокови (затоа што „многу загадуваат“ и влијаат „негативно врз климатските промени“) и од тоа би влечеле огромни добивки.
– Ургентно прашање е изградбата на комбинирани термоенергетски постројки на природен гас со гаснотурбински и парнотурбински циклус. Нивните технички параметри се такви што со производството на електрична енергија реално ќе можат ефикасно да ги заменат блоковите на јаглен, а наедно, поради флексибилноста, успешно ќе се вклопат во енергетски систем со зголемено учество на постројки засновани врз обновливи извори на енергија. Во истиот контекст е и потребата за поврзување на гасната мрежа, односно изградба на интерконектори со Грција и Србија. Паралелно треба интензивно да се работи на планот на подобрување на техничките услови и развој на електродистрибутивната мрежа за прифаќање, пренос и дистрибуција на електрична енергија во околности на поголемо учество на обновливи енергетски ресурси – смета Филкоски.