Фото: „Нова Македонија“

Старите велат „од која страна и да се вртиш Ѓорѓи сардисан“. Овој пат, изреката е во сообраќаен контекст, во „скопски“ услови. Токму таква некако е ситуацијата со сообраќајот во Скопје, од која било страна и да тргнете

Како никогаш претходно, на Скопје му се случува реален сообраќаен хаос. Нема дел од градот каде што во одреден период од денот нема застанати и „ползечки“ возила на сообраќајниците како „активни учесници во дневниот градски сообраќај“. Тоа се оние возила што возат по принципот тргни – застани, а некаде дури стоењето во една точка трае и повеќе од десетина минути. Граѓаните веќе станаа апатични, воопшто не реагираат, бидејќи, очигледно, навикнале на ваквата состојба во метрополата.

Бит-пазар црна точка

Старите велат „од која страна и да се вртиш Ѓорѓи сардисан“. Е, таква некако е ситуацијата со сообраќајот во Скопје, од која страна и да тргнете.
Но да почнеме со ред. Еве, да тргнете до Центар од Бутел, од кој било правец ќе ве надвјасаат колони возила во кои луѓето нервозно си чекаат да стигнат до посакуваната дестинација.
На Бит-пазар хаосот однапред е загарантиран во кој било период од денот. Најчесто до 17 часот, на оваа улица се потребни суперхеројски способности на предвидување кога ќе ви прелета пешак на улицата по која возите, и тоа од див пешачки премин, кој со години општината не го затвора.
Колоната е огромна и е долгометарска дури до „Чаирчанка“, а возачите возат по принципот тргни – застани, и тоа и по повеќе од десетина минути.
– Во кој било дел од денот да поминете, тука е хаос. Пешаците постојано и неконтролирано минуваат на улицата, веднаш пред пешачкиот мост, кој е направен токму за нив. Се пуштаат на улицата воопшто не водејќи сметка дека нема пешачки, ниту пак некаков знак за пешачки премин. Со години овој отвор во оградата стои незатворен, од општината не покажаа никаков интерес да го затворат, а граѓаните без ниту да погледнат си преминуваат улица. Тоа навистина нервира, особено затоа што на само неколку метри имаат пешачки мост наменет токму за нив – вели Слаѓана Михајловска.
„Нова Македонија“ долго време го анализираше овој проблем, напишавме повеќе текстови посветени токму на овој хаос, но ниту по новинарскиот притисок, општината не го затвори преминот.
Пешачкиот мост не се користи за преминување улица, туку за вршење физиолошки потреби, оттаму демнат зарази и навистина е грозно што никој не му обрнува никакво внимание.

Сообраќајниот хаос во Момин Поток

Но ова не е единствениот сообраќаен проблем во Скопје.
Новите сообраќајни решенија во зоната Момин Поток во општината Карпош, со кои беше предвидено да се изградат два кружни тека, од кои првиот да ја замени крстосницата кај булеварот 8 Септември и улицата Скупи, поточно кон „Хубо маркет“, а вториот да ја замени крстосницата на булеварот Никола Карев и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница, сѐ уште не се готови, односно градежните активности траат од 2021 година. Дополнително се работи на проширување на улицата Јадранска магистрала, која е единствена артерија кон косовската граница. Колку за напомена, оваа улица е преполна со дупки, видливи се страотни оштетувања, возачите едвај успеваат да возат по неа, а најстрашно е кога времето е врнежливо, бидејќи дупките се полнат со вода, па не се знае каде се. И вечерните часови се кошмар за возачите.
Поради сите овие градежни активности, семафорите со месеци се исклучени, па метежот се чувствува дури до поранешна „Циглана“, а на Словенечка се вози по принципот тргни – застани.
Нефункционалните семафори, покрај градежната механизација, и направените ископи всушност се најголемата причина поради која сообраќајот на овој потег е закочен. Возилата тука постојано свират, а сообраќајните знаци што се поставени на самите семафори, иако јасно даваат до знаење кој има предност, сепак, никој не ги гледа, па сите одеднаш тргнуваат да поминат. Тука, всушност, сѐ функционира по принципот „пикни се и пробиј се“, а како последица на тоа неретко нагло се закочува и се случуваат и сообраќајки. Како резултат на тоа овој дел од градот меѓу возачите се смета за една од најзакочените точки во градот.
Изградбата и тука тапка во место. Напредок речиси и да нема. Трета година по ред на терен можат да се видат градежни возила, но во пракса, освен што е направен едниот кружен тек кај „Хубо“, друго нема ништо. Дел од овој кружен тек дури и возачите си го користат како паркинг за своите возила.

И мостот „Беласица“ се чека

Сообраќаен хаос се одвива и на мостот „Беласица“. И пред, а и по него… Возачите сѐ уште чекаат да биде целосно пуштен за сообраќај. Наредниот месец мостот ќе обележи една година од избивањето на пожарот.
Во пожарот беа оштетени електричната инсталација и топловодот преку кој ТЕТО испорачува топлинска енергија. Надлежните почнаа анализи за тоа колкава е штетата, излегоа дури и со прогнози колку време ќе биде потребно за санација за да се растовари метежот што беше предизвикан од неговото затворање, но до ден-денес нема ништо, освен активностите со кои се вадеа топловодните цевки.
Градот и ЕСМ и по толку време, на штета на граѓаните, си ја префрлаат топката за надлежностите.
Градот вели дека од негова страна се завршени сите активности, но оти се чека ЕСМ да ги заврши финалните работи.
По неколкумесечното целосно затворање на мостот почнаа да се прават конкретни активности за неговата безбедност, односно се утврдуваше дали пожарот предизвикал сериозни оштетувања на конструкцијата. Во септември минатата година, мостот делумно беше пуштен за сообраќај.
Објаснувањето што мајката на градот, Данела Арсовска, го даде пред јавноста беше дека ќе се вози по две ленти, а двете средишни ќе се пуштат во сообраќај откако ЕСМ ќе заврши со монтирањето на новите цевки. Како што рече, ова се правело заради безбедноста на работниците што работеле под мостот.
По седум месеци, работите кончено тргнаа, поточно граѓаните можат да видат дека нешто се работи на мостот. Во саботата беше направена последна проверка за неговата стабилност за конечно да се утврди дали целосно ќе биде пуштен за употреба. Според информациите, на мостот се направи втора проверка преку товарење со статички и динамички товар, за што беа поставени шест камиони.
Проверката ја правеа од АД ЕСМ и Институтот за сеизмички отворени градби и климатски промени на професорот Михаил Гаревски, кој беше повикан од Град Скопје да ги направи испитувањата на конструкцијата на мостот по опожарувањето. Мерните екипи ги следеа сите параметри додека на мостот беа паркирани шест натоварени камиони, со вкупна тежина од 208 тони. Од резултатите ќе зависи дали мостот ќе биде пуштен целосно во употреба, односно сите четири ленти.
Професорот Гаревски по завршувањето на проверката истакна дека мостот „Беласица“ го издржал тестот за носивост и дека е подготвен да биде пуштен во сообраќај и за тешки товарни возила.
Сепак, и покрај ваквата објава, не е познато кога мостот целосно ќе биде пуштен во употреба.
До кога скопјани ќе чекаат за да возат по скопските улици како што доликува никој не дава одговори. На граѓаните им останува да се наоружаат со трпение бидејќи друго на располагање не ни имаат.

[email protected]