До 15 часот излезноста на првиот круг од претседателски избори е 35,89 проценти, според податоците на Државната изборна комисија (ДИК) од 2.110 избирачки места.
Од вкупно запишани 1.092.341 гласачи на овие избирачки места гласале 392.066.
– Гласањето досега се одвива мирно на сите избирачки места – информираат од ДИК.
Според податоците што се пристигнати досега, најголема излезност е забележана во Новаци со 57,69 проценти додека најмала е излезноста во Центар Жупа, 13,11 проценти.
До овој момент до ДИК се доставени вкупно 233 приговори за заштита на личното избирачко право. Од нив 38 приговори се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 21 приговори се отфрлени како неуредни, а 22 приговори се одбиени. Останатите приговори се во обработка.
На страната rezultati.sec.mk може да се следи во живо излезноста на гласачите, вкупна и по општини.
Зголемен одзив на гласачите во Кичево
Во последните четири часа одзивот на гласачите во Кичево е во пораст и до 15 часот во оваа општина се изјасниле вкупно 1.5101 граѓанин или 30,02 отсто. Овој тренд се очекува да продолжи до крајот на денот.
Според излезноста во овој регион предничи Македонски Брод каде до 15 часот гласале 1.960 граѓани или 44 отсто, додека општина Пласница и понатаму бележи мала излезност и до 15 часот таму гласале вкупно 665 граѓани или само 12, 5 отсто.
Во Кичево има поголем број приговори на граѓани, посочуваат од општинската комисија.
– Нашите сограѓани вкупно 14, кои извадиле лична карта после 16 март не се наоѓаат на избирачкиот список и не се во можност да гласаат, што создава револт кај повеќето од нив – вели Анета Трпеска од ОИК Кичево. З.А.